Претседателката укажала и на потребата од суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи. Политичка волја, како што вели, не треба постојано да се очекува само од земјите кандидатки, туку таа треба да биде покажана и од страна на Унијата, особено преку изнаоѓање креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој
На средбата со Копман ја истакнала потребата од разгледување на институционалните и правните инструменти на Европската Унија, со цел да се утврдат конкретни чекори за придвижување на процесот врз основа на спроведените реформи и исполнетите критериуми, независно од билатералните блокади од страна на земјите членки
Македонија очекува еднаков третман со другите земји кандидатки за членство во Европската Унија, заснован врз примена на исти правила и стандарди, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која денеска во Брисел учествуваше на Самитот за проширувањето на ЕУ, организиран од „Еуроњуз“.

Во објава на Фејсбук, Сиљановска-Давкова посочи дека на самитот ја нагласила потребата од суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи.
Осврнувајќи се на реформите, претседателката оценила дека постојат капацитети за напредок во областа на владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но нагласила дека нивното спроведување бара внатрешна политичка волја, како и поттик од Европската Унија.
Потсети на мислењето на Бадентеровата комисија од 1992 година, со кое беше утврдено дека Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање, особено во однос на уставното уредување и заштитата на човековите и малцинските права.
„Според неа, по повеќе од три децении, прашањето зошто Словенија е членка на Европската Унија, а Македонија сè уште ја чека својата европска перспектива, укажува на отсуство на политичка волја кај одредени соседи“,
се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Осврнувајќи се на уставните измени, Сиљановска-Давкова истакнала дека со Преспанскиот договор во 2018 година државата го променила уставното име, а на граѓаните им било претставено дека тоа е последната пречка на патот кон европската интеграција.
Таа нагласила дека повторното барање за промена на Уставот, кој досега бил менуван 36 пати, најчесто под надворешен притисок, не може да гарантира дека нема да следуваат нови барања. Притоа посочила дека одлуката за уставните измени е во надлежност на Собранието, чиј легитимитет произлегува од граѓаните.
Според претседателката, Европската Унија не е само политичка и бирократска машинерија, туку заедница заснована на вредности и принципи. Повикувајќи се на основачките документи на Унијата и одредбите за почитување на националниот и културниот идентитет, таа посочила дека различноста е една од темелните вредности на европското единство.
Надоврзувајќи се на претходниот говорник, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателката потсетила дека Северна Македонија очекува еднаков третман со другите земји кандидатки за членство во ЕУ, заснован на примена на исти правила и стандарди.
Според неа, државата очекува рамноправно да биде вклучена во подготвителните активности за пристапните преговори и да напредува во согласност со исполнувањето на поставените услови.
Укажала и на потребата од суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи.
Политичка волја, како што вели, не треба постојано да се очекува само од земјите кандидатки, туку таа треба да биде покажана и од страна на Унијата, особено преку изнаоѓање креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој.
Како една од можностите за придвижување на процесот, претседателката ја посочила постепената интеграција, преку пристап до единствениот пазар, комитолошките механизми, дигитализацијата и другите европски политики.
Говорејќи за односите со Бугарија, Сиљановска-Давкова потсетила на досегашните средби со бугарски претседатели и владини претставници, нагласувајќи дека и натаму ќе се залага за дијалог.
Во фокусот на самитот се процесот на проширување на ЕУ, европската интеграција на земјите кандидатки, регионалната соработка и предизвиците со кои се соочува Унијата во однос на приемот на нови членки.
Во рамките на посетата на Брисел, Сиљановска-Давкова ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич, во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (СХАПЕ) во Монс. Предвидени се и средби со претставници на европските институции.
Средба со Копман: Забрзување на европската интеграција и напредок во услови на политички блокади
Во рамки на работната посета на Брисел, претседателката оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Европската комисија.
Како што информира преку објава на Фејсбук, на средбата се разгледани оперативните и техничките аспекти на пристапниот процес, можностите за забрзување на европската интеграција и механизмите за напредок во услови на политички блокади.
Сиљановска-Давкова ја истакнала потребата од разгледување на институционалните и правните инструменти на Европската Унија, со цел да се утврдат конкретни чекори за придвижување на процесот врз основа на спроведените реформи и исполнетите критериуми, независно од билатералните блокади од страна на земјите членки.
Според претседателката, важно е техничката подготвеност и спроведените реформи да добијат соодветно вреднување, а европската перспектива на земјата да се претвори во предвидлив процес со јасни чекори и мерливи резултати.
