И покрај „експлозијата“ на ковид-19 на Балканот, Македонија во изминативе седум дена има најмногу новозаболени од коронавирусот на 100 000 жители споредено со регионот. Така барем покажуваат официјалните податоци иако за еден сосед веќе се откри дека ги намалува вистинските бројки
Србија забележа рекордни 386 нови случаи на ковид-19 и рекордни 18 починати за едно деноноќие. Рекорд „оствари“ и Хрватска со 116 новозаболени за 24 часа, како и Бугарија каде има 330 нови пациенти болни од ковид-19.
Денешните податоци од повеќе балкански земји јасно сугерираат дека веќе без исклучок секаде се јавува т.н. „втор“ бран на ковид-19, кој на Македонија и се случи нешто порано. Но, податоците од само еден ден, не можат да ја доловат пошироката слика.
„360 степени“ ги собра и спореди податоците од повеќе држави од Балканот на неделно ниво. За последен ден го зедовме денешниот (10 јули 2020 г.) и ги групиравме податоците наназад во интервали од по седум дена се до почетокот на мај.
Македонија веќе го достигна „вториот“ врв?
Од денеска до минатиот петок во Македонија биле регистрирани вкупно 996 нови случаи на ковид-19. Доколку таа бројка се спореди со претходните недели, се стекнува впечаток дека заразата повеќе не се шири со зголемено темпо, но и дека не се намалува значително. Како што покажува графиконот подолу, неделата пред последните седум дена имало 1 032 нови случаи, пред неа 938 а во неделата во средината на јуни имало 1 119 нови случаи. Ако се суди само по бројките за новозаразени, состојбата стагнира.

Албанија го „следи“ македонскиот тренд
Западниот сосед на земјава денеска објави дека регистирале 90 нови случаи на ковид-19 за едно деноноќие. За оние што не ја следат состојбата, тоа е рекорден број на новозаболени за 24 часа во Албанија откако почна пандемијата. Од перспектива на Македонија, 90 случаи се посакувано сценарио, но не е баш така. Причината е што тие 90 денешни случаи во Албанија се откриени од 420 теста, односно секој петти тест бил позитивен. За споредба, денешните 205 случаи во Македонија се регистрирани од 1 728 теста, што значи дека грубо секој десетти тест бил позитивен. Теоретски, доколку Албанија направи дневен број на тестови како земјава бројката на новозаразени веројатно би била многу повисока.
Независно од бројот на тестови, јасен е трендот и во Албанија. Во последните седум дена таму има вкупно 526 новорегистрирани случаи, што е најлоша недела во земјата откако почна пандемијата. Слично како и во Македонија и таму имаше „мирен“ период кој траеше подолго, но сега скалилата повторно одат нагоре.

Србија, Бугарија и БиХ итаат кон „врвот“
Додека во Македонија веќе шест недели има зголемен број на новозаразени а во Албанија четири, Бугарија а особено Србија и БиХ известуваат за рапиден раст на бројот на болни во последните две до три недели.
Кај источниот сосед на земјава, трендот на раст е постепен, но во последната недела доживеа „експлозија“. Во последните седум дена се регистрирани 1 357 нови случаи. Само две недели претходно, седмичниот „биланс“ бил двојно помал.

Во Србија, до изборите, се беше „под контрола“. Но, откако партијата на Вучиќ се „прошета“ до изборната победа наеднаш скокна бројот на новозаразени. Во последните седум дена има вкупно 2 224 нови случаи, а во седмица пред неа тамошните власти известија за 1 939 нови пациенти болни од коронавирусот.

Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина каде веќе трета недела има голем пораст на бројот на нови случаи. Бројките од последната седмица покажуваат 1 440 нови случаи.

Во Грција „мирно море“, во Хрватска се „разбранува“
Јужниот сосед е најпопуларна странска туристичка дестинација за граѓаните на Македонија за летните одмори. Да не беше затворена границата кон земјава, веројатно веќе многумина ќе беа на грчките плажи. Причината е што барем до сега, Грција е единствената земја во регионот која не пријавува голем број на новозаболени иако и таму може да се види многу благ тренд на зголемување на случаите.
Во последните седум дена, во Грција се регистрирани само 246 нови случаи на ковид-19. Тоа е значително повеќе од неделата претходно, но сепак станува збор за мала бројка во земја со 10 милиони жители. Треба да се земе во предвид и дека голем дел од новите случаи се всушност туристи и тоа особено од Србија, поради што официјална Атина пред неколку дена забрани влез на српски државјани.

Додека бројките во Грција сугерираат дека е безбедно да се летува таму, таквиот заклучок е под знак прашање за Хрватска. Во последните 7 дена таму се регистрирани 524 случаи за една недела, најмногу од почетокот на епидемијата. Трендот на пораст на бројот на случаи е присутен веќе трета недела, откако речиси цел месец, од средината на мај до првата половина на јуни, скоро и да немаше новозаболени од ковид-19.

Македонија сепак е на „врвот на табелата“
Тоа што Србија, БиХ и Бугарија пријавиле повеќе нови случаи на ковид-19 во последната седмица од Македонија, не значи и дека вирусот во овие земји е пораспростанет отколку кај нас. Причината е што сите овие држави имаат различен број на население а Македонија е и најмала по тој параметар.
Така, ако се зематофицијалните податоците од изминатите седум дена и се пресметаат како број на нови случаи на 100 000 жители, Македонија се уште е прва. Во земјава, минатите седум дена се регистрирани 47 нови случаи на ковид-19 на 100 000 жители. Следна е Босна и Херцеговина каде таа бројка изнесува 38 случаи на 100 000 жители. Во Србија минатата недела имало 32 случаи на 100 000 жители, во Бугарија 19, во Албанија 17, во Хрватска 12 а во Грција незначителни 2 нови случаи на 100 000 жители.

Сепак, мора да се има во предвид дека ваквите споредби се можни само на официјалните податоци. Реалната слика веројатно е нешто поразлична ако се има во предвид дека некои земји, како Албанија, прават помалку тестови додека други, како Србија, веќе беа разоткриени од новинарите дека „кријат“ дел од податоците.