„’Алта пеј груп’ ДОО Подгорица не е банка, не прифаќа депозити од граѓани и бизниси и нема никакво влијание врз стабилноста на финансискиот систем на Црна Гора“, велат од ЦБЦГ

Советот на Централната банка на Црна Гора донел одлука за одземање на овластувањето за обезбедување платни услуги на платната институција „Алта пеј груп“ ДОО Подгорица. Одлуката, како што информираат од Централната банка во објава на Фејсбук, е донесена откако при спроведена постапка било утврдено дека законски пропишаните услови за вршење на оваа дејност веќе не се исполнети.
„Одлуката е донесена во согласност со Законот за платни трансакции, врз основа на сеопфатна проценка на исполнувањето на регулаторните барања, вклучувајќи ги и критериумите поврзани со подобноста на квалификуваниот носител на учество и обезбедување стабилно, безбедно и законско работење на платната институција“,
се наведува во соопштението.
Од Централната банка нагласуваат дека одлуката не претставува ризик за финансиската стабилност на Црна Гора, ниту влијае на редовното функционирање на платниот систем.
„’Алта пеј груп’ ДОО Подгорица не е банка, не прифаќа депозити од граѓани и бизниси и нема никакво влијание врз стабилноста на финансискиот систем на Црна Гора“,
се додава во соопштението.
Оттаму додаваат дека навремено ги имаат преземено сите потребни активности во рамките на својата надлежност со цел да се обезбеди уредно извршување на обврските на „Алта пеј груп“ ДОО Подгорица и да се заштитат интересите на корисниците.
„Советот на Централната банка на Црна Гора потврдува дека финансискиот систем на Црна Гора е стабилен, дека платниот систем функционира редовно и безбедно“,
соопшти Централната банка на Црна Гора.
Од институцијата велат дека граѓаните и економијата можат да продолжат да ги користат услугите за плаќање на банките и другите овластени даватели на услуги за плаќање во Црна Гора.
„Централната банка ќе продолжи одговорно, навремено и транспарентно да ја информира јавноста за сите прашања од значење за безбедноста на платните трансакции и стабилноста на финансискиот систем“,
соопшти ЦБЦГ.
Извршниот одбор на Народната банка на Србија на завчерашната седница донесе одлука да ја одземе лиценцата за работа на белградската Алта банка, која е во сопственост на бизнисменот Давор Мацура, кој беше вратен од аеродромот во Подгорица кон средината на октомври откако не му беше дозволено да влезе во Црна Гора од причини поврзани со националната безбедност.
Народната банка на Македонија, пак, вчера воведе административно управување во Алта банка во Битола.
