„Утврдено е дека во претходниот период, финансиската состојба на банката значително се влошила“, велат од српската Народна банка

Српската Алта банка остана без лиценцата за работа откако Извршниот одбор на Народната банка на Србија на вчерашната седница и ја одзела дозволата. Со ова, како што соопштуваат од Народната банка, Агенцијата за осигурување на депозити со судска одлука ќе биде назначена за стечаен управник.
На одземањето на лиценцата, велат од Народната банка, и претходеле контролни активности насочени кон зголемување на нивото на ликвидност на банката.
„Утврдено е дека во претходниот период, финансиската состојба на банката значително се влошила и дека постои можност за понатамошно влошување на финансиската состојба или ликвидноста на банката, а во овој поглед, интересите на штедачите на банката биле во опасност“,
се вели во соопштението од Народната банка на Србија.
Одлуката велат дека е донесена со цел да се заштитат интересите на штедачите и за да се зачува стабилноста на финансискиот систем.
Од кабинетот на гувернерот информираат дека Агенцијата за осигурување на депозити ќе овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата на штедачите во рок од седум работни дена во согласност со Законот за осигурување на депозити.
Српската Алта банка е присутна и во Македонија откако пред една година купи 95 отсто од акциите на Стопанска банка Битола, банка која во минатото ја следеа контроверзии и беше дел од истрагата за случајот „Империја“ на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Влезот на Алта банка во Македонија предизвика политички реакции од опозициските партии кои тврдат дека преку неа се внесува сомнителен капитал во земјата и дека се шири српско влијание.
- СДСМ: По падот на Вучиќ, „Алта банка“ интензивно префрла пари во Македонија – Обвинителството да отвори истрага
- Наместо албанска банка, ВЛЕН донесе „српски свет“ – реагираат од ДУИ
- Славески: Самиот факт дека средства се префрлаат од една во друга земја не значи дека станува збор за сомнителна активност
