Откако беше приведена во август годинава, 41-годишната кратовка вчера повторно е приведена откако се обидела да им наплати билети за влез во локалитетот на двајца посетители од Скопје и им се заканувала
Полицијата вчера повторно ја привела 41-годишната кратовка С. Д. која извесен период нелегално наплаќаше влез во локалитетот Камени Кукли кај кратовското село Куклица, кој е прогласен за споменик на природата.

Таа во август годинава беше приведена по пријава дека физички нападнала посетители на локалитетот.
Овој пат, таа е приведена откако се обидела да им наплати билети за влез во локалитетот Камени Кукли на двајца посетители од Скопје и им се заканувала.
„Полициски службеници од ОВР Кратово ја лишија од слобода С. Д. Б. (41) од Кратово, постапувајќи по претходна пријава дека во локалитет Камени Кукли се обидела да наплати билети за влез во локалитетот и им се заканувала на Р. П. и Ј. Б. од Скопје. По целосно документирање на случајот, против неа ќе следува соодветна пријава“,
соопштија од МВР.
На почетокот на јуни годинава од Општина Кратово соопштија дека подолг временски период се спречени да управуваат со локалитетот Камени Кукли, кој е прогласен за споменик на природата и подолг временски период е бесправно узурпиран и држен во владение од страна на Здружението „Извор“ – Кратово, чии одговорни лица се Милош Димитровски и неговата ќерка Стојна Димитровска-Боотх.
Од Општината тогаш посочија дека чекаат правосилна судска пресуда против Здружението и неговите одговорни лица, која ќе им наложи да го предадат локалитетот во владение на општинските власти.
