Од Општина Кратово велат дека во моментов се чека правосилна судска пресуда против Здружението „Извор“ – Кратово и неговите одговорни лица Милош Димитровски и Стојна Димитровска Боотх кои го узурпираат локалитетот, која ќе им наложи да го предадат локалитетот во владение на општинските власти
По наводите во медиумите дека локалитетот „Камени кукли“ кај кратовското село Куклица е узурпиран и дека незаконски се наплаќа влез од посетителите, од Општина Кратово преку објава на Фејсбук соопштија дека подолг временски период се спречени да управуваат со локалитетот, кој е прогласен за споменик на природата.

Причината за ова, како што велат од Општината, е поради тоа што локалитетот подолг период е бесправно и неосновано узурпиран и држен во владение од страна на Здружение „Извор“ – Кратово, чии одговорни лица се Милош Димитровски и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх.
„Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи. Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња“,
велат од Општина Кратово.
Оттаму приложија и документ од првостепена судска пресуда од 12 март годинава со која туженото Здружение „Извор“ и нивните сопственици се задолжуваат да го предадат во владение на тужителот – општинска установа „Музеј на град Кратово“ предметниот објект со утврдени мери и граници, како и дрвената куќичка – брвнара и да го ослободат просторот во рок од 15 дена од денот на правосилноста на пресудата.
„Пресудата е обжалена и во моментов се наоѓа на второстепена судска инстанца. По нејзината правосилност, Општина Кратово очекува нејзино брзо и ефикасно спроведување преку овластен извршител и со поддршка на надлежните државни органи, вклучително и Министерството за внатрешни работи“,
додаваат од Општината.
Покрај поднесената тужба, од Општината велат дека досега се поднесени и неколку кривични пријави за узурпација на локалитетот, пријави и поднесоци до надлежните институции, меѓу кои и Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, до каде претставки поднеле и голем број оштетени граѓани.
„Меѓутоа, за жал, до овој момент немаме добиено позитивни информации за преземени конкретни активности, туку одредени паушални констатации. Општина Кратово останува посветена на заштита на јавниот интерес, законитото управување со природното наследство и безбедноста на граѓаните и посетителите во рамките на своите надлежности, но секако очекува поголема вклученост и ажурност и од други овластени институции!“,
се додава во соопштението на Општината Кратово.
