„Иако идентитетот на напаѓачот сè уште не е утврден, нашата служба го следеше и се знае дека тој бил поддржувач на Исламска држава. На својот Инстаграм профил, тој држеше црно знаме и симболот на Исламска држава“, вели министерот за внатрешни работи

Во Белград ноќеска, 15 минути по полноќ, е извршен терористички напад врз припадник на жандармеријата кој ја обезбедувал израелската амбасада, информираше вицепремиерот и министер за внатрешни работи во технички мандат Ивица Дачиќ.
Според Дачиќ, напаѓачот е малолетник, за кој се сомнева дека е од Шабац, а кој бил убиен од припадник на жандармеријата.
„Малолетник, чиј идентитет сè уште не е утврден, за кој се сомнева дека е од Шабац, извикал ‘Алаху Акбар’ и нападнал припадник на жандармеријата со два ножа“,
вели Дачиќ.
Тој додава дека припадник на жандармеријата го убил напаѓачот во самоодбрана, но во таа прилика самиот бил полесно повреден, односно добил посекотина на лицето од ножот со кој бил нападнат.
„Истрагата е во тек и сите детали ќе бидат познати веќе во текот на ноќта. Имајќи предвид дека терористичкиот напад се случи на наша територија, како министер за внатрешни работи кој е одговорен за него, го подигнав нивото на закана од тероризам на највисоко можно ниво, односно на црвено ниво“,
објасни Дачиќ.
Министерот вели дека ова подразбира зголемена контрола и присуство на полициски сили на локации од посебно безбедносно значење, вклучувајќи инфраструктурни објекти и места каде што се собираат голем број граѓани.
„Уште еднаш сакам да повторам дека во терористичкиот напад што беше извршен синоќа, припадник на жандармеријата кој ја обезбедуваше израелската амбасада и кој го уби напаѓачот беше полесно повреден. Иако неговиот идентитет сè уште не е утврден, нашата служба го следеше и се знае дека тој бил поддржувач на Исламска држава. На својот Инстаграм профил, тој држеше црно знаме и симболот на Исламска држава“,
рече Дачиќ.
Тој додаде дека заедно со директорот на полицијата, генерал Драган Васиљевиќ, го посетил повредениот припадник на жандармеријата, кој се чувствува добро и кој во текот на денот ќе биде пуштен дома.
