Пратеникот во Собранието, Игор Здравковски, на Х напиша дека очекува Вучиќ да изгуби во Белград и во Нови Сад, но убедливо да победи во другите места

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски, во објава на социјалната мрежа Х прогнозира дека вечерва во Србија ќе почнат немири, како што напиша, „поради незадоволство од спонзорите од Запад“.
Објавата е напишана додека трае гласањето на предвремените парламентарни избори во Србија. Здравковски наведува дека не го интересира кој ќе победи, но изнесува свое предвидување за резултатот и за случувањата по гласањето.
„Цел ден читам за Србија многу загреани, ја да си кажам стартно ни ме интересира кој ќе победи ни ми е гајле. Мое лично видување е дека Вучиќ ќе изгуби во БГ и НС, на другите места ќе тепа со +70% од гласовите, и вечерва почнуваат немири поради незадоволство од спонзорите од запад“,
напиша Здравковски.
Во меѓувреме, според процената на Ипсос и ЦеСИД, до 17 часот во Србија гласале 60,8 отсто од избирачите. Републичката изборна комисија претходно соопшти дека излезеноста до 16 часот изнесувала 56,38 отсто.
Изборниот ден уште од утрото го карактеризираа долги редици пред гласачките места во повеќе градови, меѓу кои Белград, Нови Сад, Ниш, Чачак, Шабац и други. На одделни места граѓаните се собрале и пред почетокот на гласањето во 7 часот. Голема заинтересираност за гласање има и од Србите во странство.
Во центарот на Белград се поставени огради и е забележливо присуство на полицијата. Според ФоНет, огради има кај раскрсницата „Лондон“ и на Теразије, а дел од сообраќајот е блокиран и јавниот превоз е пренасочен. Во тој дел од градот, на улицата „Крал Милан“ број 14, се наоѓа седиштето на Републичката изборна комисија. Возила за разбивање демонстрации има пред седиштето на Претседателството на Србија.
Набљудувачката организација ЦРТА предупреди на голем број изборни неправилности и на сè повеќе насилни инциденти надвор од гласачките места. Организацијата ги повика политичките актери и граѓаните да ги намалат тензиите и да се воздржат од насилство.
На изборите се избираат 250 пратеници, а гласањето трае до 20 часот.
