На претходните избори до 16 часот излезеноста изнесувала 42,36 отсто
До 16 часот на предвремените парламентарни избори во Србија гласале 56,38 отсто од запишаните избирачи, соопшти Републичката изборна комисија. На претходните избори во 2023 година, како што кажа директорот на Републичкиот завод за статистика, Бранко Јосиповиќ, излезеноста изнесувала 42,36 отсто. Тоа претставува околу 14 процентни поени поголем одѕив споредено со изборите одржани пред три години.

Фото: Принтскрин
Според податоците што ги соопштија од РИК, по региони, во Војводина излезеноста е 58,76 отсто, Шумадија и Западна Србија изнесува 55,29 отсто, Јужна и Источна Србија 53,34 отсто и во Белградскиот Регион излезеноста е 58,67 отсто од запишаните избирачи.
Што се однесува до инцидентите на избирачките места, според претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, забележано е смирување и решавање од страна избирачките одбори, додека на одредени места била повикана полицијата, по што гласањето било продолжено.
Од набљудувачката организација ЦРТА, пак, известуваат за голем број неправилности и за сè повеќе насилни инциденти надвор од гласачките места.
Според организацијата, на 29 отсто од набљудуваните гласачки места се регистрирани притисоци врз избирачи, членови на избирачки одбори и набљудувачи, а на 18 отсто – процедурални пропусти.
Фотографирање гласачки ливчиња е забележано на дури 40 отсто од гласачките места, непочитување на обврската за користење УВ-ламба на 21 отсто, а гласање без важечки документи за идентификација на шест отсто.
