Спелеонуркачите и учесниците во меѓународната експедиција „Врело 2026“ на вчерашната средба ја запознале претседателката со предизвиците со кои биле соочени во текот на експедицијата, со необичните сознанија за подводниот свет на Врело, како и кристално чистата вода и умерената температура од 15-ина степени, новооткриените два канали и над 150 метри нови големи ходници
Шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер во својот кабинет ги прими учесниците во меѓународната експедиција „Врело 2026“ и членовите на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, кои во текот на експедицијата одржана од 10 до 17 октомври постигнаа рекордна длабочина од 338 метри во подводната пештера во кањонот Матка, со што таа стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот.

Претседателката, која беше покровителка на експедицијата, им честита за подвигот, оценувајќи дека поставениот светски рекорд не е само признание за знаењето, храброста и истрајноста на спелеонуркачите, туку и реална можност за меѓународна афирмација на македонското културно наследство како исклучително.
„Врело е природен феномен што ги разгорува истражувачкиот дух и љубопитноста за откривање на тајните на природата“,
порача Сиљановска-Давкова и им посака успех во идните подвизи.

Спелеонуркачите ја запознале претседателката со предизвиците со кои биле соочени во текот на експедицијата, со необичните сознанија за подводниот свет на Врело, како и кристално чистата вода и умерената температура од 15-ина степени, новооткриените два канали и над 150 метри нови големи ходници. Изразиле благодарност за генералното покровителство и порачале оти Врело е една од досега најинтересните подводни пештери за нив.
Подводната пештера Врело во кањонот Матка стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна рекордна длабочина од 338 метри во рамките на експедицијата „Врело 2026“. Со подвигот се поставени три светски рекорди, а пештерата го презеде првото место на светската листа пред локалитетите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.
