При дефинирањето на содржината на гласачкото ливче од ДИК велат дека биле целосно применети сите законски норми

Државната изборна комисија (ДИК) ги утврдила содржината, изгледот и заштитата на гласачкото ливче за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, кои се закажани за 18 октомври 2026 година.
Како што информираат од ДИК, зачувувањето на доверливоста на изборниот материјал и заштитата на интегритетот на изборниот процес биле причина оваа точка да се разгледува на затворена седница, согласно Изборниот законик и членот 33 од Деловникот на Комисијата. За затворениот дел е составен посебен записник кој, заедно со тонската снимка, соодветно ќе се архивира и нема да биде јавно објавен.
При дефинирањето на содржината на гласачкото ливче од ДИК велат дека биле целосно применети сите законски норми. Материјалот се печати на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Општина Брвеница, а според застапеноста и на јазикот и писмото на заедницата на која ѝ припаѓаат кандидатите.
Гласачкото ливче ги содржи името на општината, бројот на гласачкото место, името и симболот на подносителот, како и редниот број, името и презимето на кандидатите според утврдената листа.
Делот што останува на кочанот ги содржи серискиот број, општината и бројот на гласачкото место.
На претходни седници, ДИК го утврди редоследот на кандидатите за градоначалник на Општина Брвеница на гласачкото ливче.
Под реден број 1 е кандидатот за градоначалник предложен од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски.
Втор на листата е кандидатот предложен од Коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Јовица Радески, а по него е кандидатот предложен од Група избирачи – Душан Богдановски.
Четврт на листата е кандидатот за градоначалник предложен од Влен, Јакуп Хусеини, а петти е кандидатот предложен од Група избирачи – Арифе Идризи.
Под реден број 6 на ливчето е кандидатот за градоначалник предложен од Коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), Аркин Јахији.
Одлуката за распишување на предвремени избори за градоначалник на Брвеница дојде по ненадејната смрт на Јовица Илиевски, кој на локалните избори одржани есента минатата година го доби вториот мандат да ја води општината.
