Опозиционерите бараат надлежните институции да утврдат како се случило Ива Михаилова да ја премине границата и да се утврди кој треба да сноси одговорност во врска со случајот
Опозицискиот СДСМ побара оставка и одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со случајот со Ива Михаилова, која, како што велат од партијата, ја напуштила државата и покрај тоа што ѝ биле одземени и македонскиот и бугарскиот пасош. Прашуваат како Михаилова ја поминала границата кога ниту македонските граничари регистрирале излез од земјава ниту бугарските граничари регистрирале влез во Бугарија.

„Таа вели легално, со лична карта, граничарите знаеле. МВР вели нема евидентиран излез. Бугарската гранична полиција вели нема евидентиран влез. Како?“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите бараат надлежните институции да утврдат како се случило Ива Михаилова да ја премине границата и да се утврди кој треба да сноси одговорност во врска со случајот.
„Границата не е решето само за дрога и за бегалци од правда. Со Мицкоски, Тошковски и ВМРО границата е решето и кога судот ќе забрани. Како излегла Михаилова од земјата ако ѝ се одземени двата пасоши? И бугарскиот и македонскиот? Панче само да не каже дека правел хиперхлорирање, па не можел да се занимава со пограничната работа на полицијата, што е во неговиот сектор“,
коментираат од СДСМ.
Од Јавното обвинителство денеска информираа дека двата пасоша на Ива Михаилова – и македонскиот и бугарскиот – ѝ биле одземени уште во октомври минатата година, кога учествуваше во сообраќајната несреќа со смртни последици, за која ѝ се суди во Кочани. Оттогаш, Обвинителството во повеќе наврати дало негативно мислење за враќањето на пасошите поради ризикот од бегство.
