На транспарентот беше испишана пораката „Името твое свето ќе го браниме пред светот“, придружена со знаме со шеснаесеткрако сонце и карта на т.н. „Обединета Македонија“, на која се прикажани и делови од денешна Грција
„Посочивме дека содржината и симболиката на транспарентот не се во согласност со обврските и духот на Преспанскиот договор“, велат од Амбасадата на Грција
Мечот помеѓу кошаркарските клубови МЗТ Скопје и Ираклис од Солун, што во вторникот се одигра во СЦ „Јане Сандандски“ во рамките на Европскиот куп на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА), заврши не само со пораз на домашните, туку и со реакции на дипломатско ниво.
Причина за реакцијата на грчката амбасада до Министерството за надворешни работи е транспарентот што македонските навивачи го истакнаа за време на натпреварот. На него беше испишана пораката „Името твое свето ќе го браниме пред светот“, придружена со знаме со шеснаесеткрако сонце и карта на т.н. „Обединета Македонија“, на која како една територија се прикажани и делови од денешна Грција.

Од Амбасадата на Грција за „360 степени“ потврдија дека реагирале до МНР во врска со истакнатиот транспарент и мапата на која делови од Грција, вклучително и полустровот Халкидики, но и делови од Србија, Албанија и Бугарија, се прикажани како територија на земјава.
„Амбасадата го покрена прашањето за истакнувањето на транспарентот, вклучително и фактот дека, според информациите што ги добивме, тој бил истакнат во присуство на министерот за спорт на Северна Македонија. Посочивме дека содржината и симболиката на транспарентот не се во согласност со обврските и духот на Преспанскиот договор. Поради тоа, прашањето им беше предочено на властите на Северна Македонија преку соодветниот дипломатски канал“,
изјавија за „360 степени“ од Амбасадата на Грција.

Грчките медиуми јавија дека раководството на клубот Ираклис реагирало уште пред почетокот на натпреварот, но дека транспарентот со проблематичната содржина останал истакнат на трибините во текот на целиот натпревар. Клубот во меѓувреме ја известил Амбасадата на Грција во Скопје за инцидентот, а поднел и официјална жалба до Меѓународната кошаркарска федерација. Ираклис објави дека ќе поднесе уште една жалба до ФИБА, проследена со сите информации за инцидентот и ќе бара да бидат преземени соодветни мерки.
