Од Здравство информираат дека на објавениот тендер за набавка не пристигнала ниту една понуда, нагласувајќи дека причината не е во домашната постапка, туку во специфична одлука на светските здравствени власти

Вакцините против сезонски грип за ранливите категории граѓани доцнат поради проблеми во нивното производство на глобално ниво, но од Министерството за здравство (МЗ) велат дека се прават напори тие да бидат обезбедени во текот на овој месец преку меѓународни канали.
Од Здравство информираат дека на објавениот тендер за набавка не пристигнала ниту една понуда, нагласувајќи дека причината не е во домашната постапка, туку во специфична одлука на светските здравствени власти.
„Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината (два за грип А и еден за грип Б). Светската здравствена организација и американската агенција ФДА ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите ширум светот“,
објаснуваат од Министерството.
Од надлежното министерство посочуваат дека се во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко за да се обезбедат потребните дози, потсетувајќи дека вакцинацијата е најсигурна заштита од компликации за хронично болните, постарите лица и бремените жени. Граѓаните дополнително ќе бидат известени за точниот термин за почеток на вакцинацијата.
