Мицкоски изрази жалење што, според него, малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и она што било договорено со него велејќи дека тоа не е многу оддамна, туку пред неколку децении

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска предавањето на посмртните останки што се идентификуваат со цар Самуил, од Грција во Бугарија, се осврна на Бледскиот договор, посочувајќи на историскиот контекст по капитулацијата на Бугарија во Втората светска војна и на пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање како го коментира прашањето за преносот на посмртните останки и дали ваквиот потег може да има одредени импликации во односите на Македонија со Грција и со Бугарија, Мицкоски рече дека прашањето треба да се гледа низ призма на Бледскиот договор.
„Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор којшто е постигнат веднаш после капитулацијата на фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија“,
рече Мицкоски.
Тој се наврати на изјавата на поранешниот премиер Зоран Заев кој во ноември 2020 година во интервју за бугарската агенција БГНЕС рече дека во Втората светска војна Бугарите биле „администратори“ на подрачјето на денешната македонска држава, без да го спомене Заев.
„Некој тоа го вика ‘администрирање’ од политичарите, за среќа што се поранешни политичари, односно поранешни политичари на функции, значи сè уште активни во опозицијата преку совети на раководствата во опозицијата, си имаат свои кукли таму и си ги раководат“,
изјави Мицкоски по увид на градежни активности на мостот што се гради на улица „Љубљанска“ во Карпош.
Во однос на посмртните останки истакна дека тој би се вратил неколку децении наназад кога во Скопје беа донесени останките на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил назад неколку децении кога моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, се донесени во Скопје. И тоа е нешто што треба нас како Македонци да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, којшто бил во свое време пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет“,
нагласи премиерот.
Мицкоски изрази жалење што, според него, малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и она што било договорено со него велејќи дека тоа не е многу оддамна, туку пред неколку децении.
Денеска, на бугарскиот премиер Румен Радев од Музејот на византиската култура во Солун му беа предадени посмртните останки на цар Самуил.
Од своја страна, Бугарија ѝ предава на Грција 48 предмети, главно црковни прибори од неколку манастири во Егејска Македонија, кои биле спасени од бугарските научници за време на Првата светска војна.
