Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата било разговарано за развојните планови на општината и за тековните и идните проекти што се реализираат со владина поддршка

Експресен пат ќе ги поврзува Радовиш, Струмица и Ново Село со границата со Бугарија. Ова го истакнал вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на средба со градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
Николоски рекол дека за овој експресен пат разговарале околу подготовките за реализација.
Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата било разговарано за развојните планови на општината и за тековните и идните проекти што се реализираат со владина поддршка. Во оваа општина во тек е реализација на инфраструктурни проекти во вредност од над седум милиони евра.
Меѓу проектите што се реализираат е и изградбата на атмосферски канализациски систем во населеното место Просениково, инвестиција вредна 46,6 милиони денари.
Николоски, додаваат од министерството, посочил дека Владата продолжува со инвестиции во патната и комуналната инфраструктура со цел подобрување на условите за живот на граѓаните и поттикнување на локалниот економски развој.
Од Министерството за транспорт наведуваат дека реализацијата на овие проекти е дел од пошироките активности за унапредување на инфраструктурната мрежа и рамномерен регионален развој.
Инаку, експресниот пат од Радовиш до границата со Бугарија, Николоски го најави и минатиот месец кога рече дека е распишана постапка за избор на проектантска куќа која ќе работи на целокупната документација за изградба на оваа делница.
Тогаш рече дека рокот за поднесување на понуди е до 8 октомври, а потоа очекува да биде избран изведувачот. Во наредните шест до девет месеци да се изработат студиите, а потоа да се оди на тендерирање.
