Перински вели дека пациентите нема да мора постојано да бидат дома за време на контролите и додаде дека проверките ќе треба да се поврзат со конкретната здравствена состојба и препораките од лекарот

Предложените измени на правилата за боледување не го скратуваат правото на осигурениците, туку предвидуваат медицинските критериуми за продолжување да почнат да се применуваат по петтиот наместо по седмиот ден, појаснува директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински.
Перински нагласува дека граѓаните немаат причина за грижа бидејќи петтиот ден не значи крај на боледувањето, туку моментот кога доколку боледувањето продолжува се применуваат дополнителни медицински критериуми.
„Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат“,
вели Перински во интервју за „Република“.
Тој вели дека матичниот лекар и понатаму самостојно одлучува за боледување до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлука носи лекарската комисија на Фондот.
Целта на поранaта проверка по петтиот ден е подлабоко да се испита состојбата на пациентот доколку не се чувствува подобро, што овозможува навремено откривање евентуални посериозни заболувања.
Тој вели дека се проширува можноста за отворање боледување без физичко присуство за неподвижни, тешко болни и лица што се наоѓаат на болничко лекување. За прегледите по 15-тиот ден се воведува дигитален електронски ПСР-образец.
Перински вели дека пациентите нема да мора постојано да бидат дома за време на контролите и додаде дека проверките ќе треба да се поврзат со конкретната здравствена состојба и препораките од лекарот.
Управниот одбор на Фондот не ги усвоил измените на последната седница, а Перински очекува тие повторно да бидат разгледани во вторник при што вели дека остануваат отворени за дополнителни сугестии од лекарите, синдикатите и другите засегнати страни.
