„Сè уште анализираме, ќе видиме и заедно со студентите се надевам ќе изнајдеме некакво заедничко решение, кое ќе биде прифатливо за сите нас, повторно во рамките на буџетските можности“, кажа министерката

Се анализираат и се прават нови пресметки за подобрување на студентскиот стандард – најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска која по пуштањето на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје одговараше на новинарски прашања за стандардот и за капацитетите за сместување во домовите за студентите. Јаневска потврди дека во Министерството се стигнати две иницијативи за подобрување на студентскиот стандард.
„Ние ги анализираме и правиме пресметки и јас се надевам дека ќе изнајдеме решение во рамките на нашите буџетски можности и тоа ќе им биде соопштено на студентите. Јас исто така повеќепати сум рекла дека ќе има приоритети и еве, ова е приоритет – нивното живеење и нивните услови за учење се приоритет. За еден или еден и пол месец ќе се видиме во ‘Кузман’ и тоа се, јас ги кажав, средствата што се трошат“,
изјави Јаневска.
Министерката за образование и наука истакна дека минатата година инвестирале во опремување на лабораториите на факултетите односно во нагледните средства, каде што студентите учат и работат.
„Верувам дека и сите нивни барања со тек на време ќе ги исполниме, повторувам, во рамките на буџетските можности“,
додаде Јаневска.
Прашана дали се прифатливи барањата на студентите за подобрување на студентскиот стандард, Јаневска истакна дека во тек се пресметките.
„Сè уште анализираме, ќе видиме и заедно со студентите се надевам ќе изнајдеме некакво заедничко решение, кое ќе биде прифатливо за сите нас, повторно во рамките на буџетските можности“,
рече министерката.
Таа додаде дека студентите што ги исполнуваат условите веќе се сместени во студентските домови во Скопје
„Сите студенти се сместени. Сместени се во ‘Гоце’, сместени се во овој дом. Во овој дом сè уште има неколку празни соби, сметајќи го и сместувањето на бруцошите. Кога ќе ги сместиме и бруцошите, ниеден студент нема да остане без студентска соба ако исполнува услов“,
кажа Јаневска.
