Првообвинетата во предметот, инаку вработена во Министерството за внатрешни работи (МВР), е осудена на две и пол години затвор, додека на второ и на третообвинетиот судот на вчерашното рочиште им изрекол, исто така, затворски казни, но во траење од по една и пол година
Инаку, Основното јавно обвинителсто Скопје обвинението против шесте лица го поднесе на 19 септември, а со него беа опфатени вработена во Министерството за внатрешни работи и петмина возачи, од кои тројца не се достапни за органите на прогонот
Десет дена откако беше поднесено обвинение, предметот за фалсификувањето на возачките дозволи доби и судски епилог. Тројца од вкупно шестемина обвинети, што беа достапни за органите на прогонот, на рочиштето одржано вчера признале вина и се осудени на затворски казни.

За потсетување, станува збор за предметот во кој незаконски биле додавани Ц и Д-категориите во возачки дозволи на лица што никогаш не полагале за управување камион или автобус.
За исходот во овој предмет информира претседателката на скопскиот Основен кривичен суд, Даниела Димовска, на брифинг со новинарите.
Според информациите, првообвинетата во предметот, инаку вработена во Министерството за внатрешни работи (МВР), е осудена на две години и пол години затвор, додека на второ и на третообвинетиот судот им изрекол, исто така, затворски казни, но во траење од по една и пол година.
Како што појасни Димовска, предметот е завршен бидејќи се водел по обвинителен предлог, односно во скратена постапка, каде не е потребна оценка на обвинението и не се предвидени воведни зборови на обвинителството и на одбраната.
На тројцата обвинети, додаде таа, им е продолжен притворот.
„Обвинителството поднесе обвинителен предлог, за кој нема оценка, процесот е закажан, обвинетите признале вина и тоа е причината што овој предмет заврши толку брзо. Притворите им се продолжени, а рочиштето беше во текот на вчерашниот ден“,
рече претседателката на Кривичен.
Инаку, Основното јавно обвинителсто Скопје обвинението против шесте лица го поднесе на 19 септември, а со него беа опфатени вработена во Министерството за внатрешни работи и петмина возачи. Тројца од обвинетите засега не им се достапни на органите на прогонот.
Вработената во МВР, како што наведоа тогаш од Обвинителството, како помлад советник за патни исправи во скопското одделение за управни работи во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година во повеќе наврати ги користела своите шифри и преправала возачки дозволи, внесувајќи дополнителни категории. Петтемина возачи обвинети во случајот, пак, иако знаеле дека немаат положено за соодветните категории, во договор со првообвинетата поднесувале барања за издавање дозволи во кои биле впишувани овие категории.
Лажните исправи тие потоа ги користеле за да аплицираат и да добијат сертификат за учество во меѓународен превоз на птници и стоки. Според обвинителството, тие во повеќе наврати управувале автобус или товарно возило во меѓународен сообраќај со фалсификуваните возачки дозволи.
Инаку, за внесувањето на невистинити податоци за категории во возачки дозволи Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против вкупно 27 лица, но Обвинителството досега поднесе обвинение против шестмина, од кои тројца веќе добија првостепени пресуди.
Од Обвинителството на 19 септември информираа дека се преземаат дејствија и прибираат докази во однос на останатите 21 лице.
