Прашан што очекува од енергетската слика за Македонија на прагот на новата зимска сезона, Филипче рече дека ќе биде уште еден огромен удар за граѓаните затоа што парното веќе е поскапено

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара од власта конкретни мерки за намалување на цените на горивата. Тој вели дека тоа може да се постигне преку намалување на ДДВ на пет проценти и укинување на акцизите, со што, горивата би поевтиниле за 15 до 20 денари. Филипче вели дека само така ќе има некаков бенефит за граѓаните.
Прашан што очекува од енергетската слика за Македонија на прагот на новата зимска сезона, Филипче рече дека таа ќе биде ужасно тешка зима и уште еден огромен удар за граѓаните затоа што парното веќе е поскапено.
„Не знаеме како ќе бидат цените на горивата. Власта не ги слуша нашите апели да се намалат акцизите, да се намали ДДВ. Нека се тргнат во процент, со којшто значајно ќе се намали цената на горивата. Џабе се фали власта дека имаме најниски цени на горивата во регионот, кога нашите граѓани можат да купат најмалку литри горива со овие плати и пензии коишто ги имаме. Нека се тргнат акцизите, нека се намали ДДВ на пет проценти, нека се намалат горивата за 15 до 20 денари, па да имаат некаков бенефит граѓаните“,
одговори Филипче на новинарско прашање.
Околу енергетската стабилност на земјата на прагот на новата зимска сезона, денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека Македонија е во исклучително добра сосотјба и нема предизвик во однос на гасот.
Мицкоски информираше дека вчера разговарал со поголемите нафтени компании и оти е добро тоа што продуктоводот работи и дека таму има количини не само за нас, туку и за соседите.
„Во моментот, од денешна оптика ако ги гледаме работите, немаме предизвик во однос на гасот, но, да, во Европа ќе има сериозен предизвик и очекувам сериозни предизвици. Но, ние во овој момент енергетски сме во исклучително добра, солидна состојба“,
рече Мицкоски.
Инаку, од денеска цените за бензините се повисоки за еден денар, додека дизелот поевтини за 4,50 денари. Овие цени следуваат по влерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Па така, новата цена на еуросупер БС-95 изнесува 100 денари за литар, додека еуросупер БС-98 се продава за 102 денари за литар. Цената на дизелот, пак, изнесува 100 денари за литар.
