Обвинувањето следува откако порталот „Политико“ објави дека Европската Унија по првпат размислува да одреди конкретни датуми за завршување на клучните фази од пристапните преговори за дел од земјите кандидати, од кои Македонија е исклучена
Опозицискиот СДСМ обвини дека владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски спроведува српско-руска агенда и намерна политика за изолација на земјава. Обвинувањето следува откако порталот „Политико“ објави дека Европската Унија по првпат размислува да одреди конкретни датуми за завршување на клучните фази од пристапните преговори за дел од земјите кандидати, од кои Македонија е исклучена.

„Брисел спрема акциски планови за земјите најблиску до членство – Црна Гора, Украина, Молдавија, Албанија. Македонија е изоставена заедно со Србија, Косово и Босна, како земји што не мрднале. Ние први почнавме и сè уште чекаме затоа што арамијата не ги исполни реформите. Доби рок, го продолжи за една година. Вети 1 јуни, а оттогаш ни глас. Патоказот не се дава на банда. Се дава на институција“,
коментираат од СДСМ.
Според опозиционерите, застојот на македонските евроинтеграции најмногу им одговара на интересите на Србија и на Русија. Задржувањето на земјава надвор од Европската Унија, велат од СДСМ, би создало простор за влијание на Белград и Москва во регионот. Нарекувајќи го руски прокси-играч, од СДСМ обвинија дека премиерот Мицкоски води политика која им одговара на руските интереси.
„Изолацијата не падна од небо. Ја работи кабинетот. Кој ги запира реформите, ја запира Европа. Кој ја запира Европа, ја предава земјата за туѓа агенда. Патоказот ќе дојде кога бандата ќе си оди“,
додаваат од СДСМ.
