Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската Унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат, ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштина навистина имаме билатерален спор којшто е сега на својот почеток. И додека е на почеток, јас тоа го кажав и во мојот говор вчера, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите, кажа Мицкоски
Не можам да зборувам колку може да очекуваме од стратешкиот партнер САД во однос на интеграцијата во ЕУ , но ја користиме секоја прилика да ги презентираме нашите аргументи, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТ1 од Њујорк, во рамки на посетата на Соединетите Американски Држави. Мицкоски го повтори ставот дека Брисел треба да се вклучи во процесот за да ги слушне аргументите на двете страни, одговарајќи на прашањето – како го толкува ставот на официјална Софија дека е подготвена за дијалог, но дека очекува разговорите да се одвиваат билатерално, а не со посредство на ЕУ.
„Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската Унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат: ’Ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор’. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштина навистина имаме билатерален спор којшто е сега на својот почеток. И додека е на почеток, јас тоа го кажав и во мојот говор вчера, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите“,
вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека тој нема намера да влегува во „авантура“, без да се знае дека крајот е на дофат.
„Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Зошто? Затоа што, еве ќе бидам најотворен и најдиректен, утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската Унија. Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања. Како тоа ќе изгледа? Ќе излезе некоја порадикална структура во Парламентот на нашиот источен сосед и потоа овие помeјнстрим политичари ќе речат: „Знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете вие сте лошите Русјаци, ние сме добрите Бриселци’ и отприлика така сето тоа ќе изгледа. Јас во тој процес нема да влезам“,
додаде Мицкоски.
Во однос на документот што претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, треба да го презентира во Брисел за деблокирање и реорганизација на одредени процеси во Унијата, Мицкоски порача дека доколку ЕУ сака да направи исчекор, потребно е најавите да бидат преточени во конкретни мерки.
Мицкоски во обраќањето пред Генералното собрание на ОН порача дека процесот на евроинтеграција трае надвор од секој разумен временски рок и ја повика Европската Унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата.
„Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина“,
кажа Мицкоски.
