Тој има шанса, макар на крајот, со своите постапки да помогне да оваа, во момент заробена партија, се отвори и се врати на членството, вели Ивановски

Поранешниот потпретседател на СДСМ и еден од организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, вели дека лидерот на СДСМ и групата околу него станале фракција во партијата. Во изјава за медиумите денеска тој посочи дека на Филипче ќе му достават План за консолидација и структурни промени, за кои тврди многупати се разговарало во партијата и му порача на партискиот лидер да ги прифати за, како што рече тој, доброто на партијата.
„Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко и ќе му биде уште потешко, но не смее да ѝ биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, макар на крајот, да со своите постапки помогне да оваа во момент заробена партија се отвори и се врати на членството. Венко Филипче и групата со нивното однесување станаа фракција во СДСМ, членството е на наша страна, во огромно мнозинство“,
рече тој.
Од демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, на брифинг во четвртокот рекоа дека тие нема да бидат нова политичка партија ниту, пак, ќе поднесуваат независни листи на парламентарните избори.
Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ, како претставници на демократската платформа, порачаа дека кај граѓаните постои опозициско расположение, а дека целта на платформата е окрупнување на опозицискиот фронт, со цел победа над актуелната власт.
Денеска на трибина им се придружи и Левица, која ја претставуваше пратеникот и портпарол на партијата Амар Мециновиќ.
За поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски, учеството на преставник на Левица на трибината е доказ дека фронтот против поддржувачите на актуелниот претседател на партијата се шири.
Од друга страна, СДСМ ги обвинува членовите на платформата дека се медиумски спонзорирани од портали и новинари блиски до премиерот Христијан Мицкоски, додека Венко Филипче посочи дека тие со пуч сакаат да ја преземат партијата.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
СДСМ: Граѓаните гледаат кој медиумски ја спонзорира платформата ЗНАМ 2.0 – покровителот е Мицкоски
