Нека не е ветено, но ако сѐ оди добро и имаме добра постапка за избор, сега прво на консултантска куќа, а после тоа на изведувач, очекувам до есента веќе да ги започнеме градежните активности на терен, што, како што кажав, ќе значи многу, рече Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска соопшти дека распишана е постапка за избор на проектанска куќа која ќе работи на целокупната докумантација за изградба на експресен пат од Радовиш до границата со Бугарија.
„Нашата идеја е да се изгради експресен пат кој што ќе оди од Радовиш преку Струмица, Ново Село, па сѐ до граница со Бугарија и на тој начин да имаме уште едно поврзување коешто е автопатско или со експресен пат со Република Бугарија. Во овој момент почната е постапката за избор на куќа која што ќе работи на целокупната документација – од предпроектна документација, преку еколошки студии, социјални студии и физибилити студија“,
кажа Николоски.
Тој вели дека рокот за поднесување на понуди е до 8 октомври, а потоа очекува да биде избран изведувачот.
„Во рок од 6 до 9 месеци да се завршат студиите и после тоа одиме на тендерирање. Она што сакам да кажам е дека ќе одиме со сопствени средства од Јавното претпријатие за државни патишта. ЈПДП е во добра кондиција, има добри приливи на средства и ќе можеме да го градиме овој проект. Така што, еве нека не е ветено, но ако сѐ оди добро и имаме добра постапка за избор, сега прво на консултантска куќа, а после тоа на изведувач, очекувам до есента веќе да ги започнеме градежните активности на терен, што, како што кажав, ќе значи многу. И да напоменам дека нема да одиме само до Струмица, туку ќе одиме до граница со Бугарија“,
кажа Николоски.
