Осврнувајќи се на најавите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Филипче на денешната средба со делегација на Сенатот на Франција кажа дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се споменуваат како земји со изгледен пат кон членството до крајот на мандатот на актуелната Комисија, додека Македонија ја нема меѓу нив
Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции на средбата го отвори и прашањето во врска со унгарскиот заем од една милијарда евра
Ако оваа влада обезбеди подобри услови во преговорите или гаранција дека нема да бидеме повторно блокирани на евроинтегративниот пат, ние тоа ќе го поддржиме. Но, се поставува прашањето што доколку не се обезбедат гаранции. Ова го кажа денеска пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на средба со делегација на Сенатот на Француската Република.

Говорејќи на оваа тема, Филипче го отвори прашањето до кога државава ќе чека и до кога ќе траат обидите на актуелната влада да добие гаранции од Европската Унија дека нема да има нови блокади на европскиот пат на земјава. Во тој контекст, тој наведе дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со ветување дека ќе обезбеди подобра преговарачка позиција и предвидливост на процесот, но, како што оцени, досега нема видливи резултати од тие најави.
Во таа насока пратеникот и лидер на СДСМ изрази сомнеж во искреноста и решителноста на оваа владејачка гарнитура да го продолжи европскиот пат, поврзувајќи ја својата загриженост со нејзините постапки во однос на владеењето на правото и односот кон медиумите.
Осврнувајќи се на најавите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Филипче посочи дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се споменуваат како земји со изгледен пат кон членството до крајот на мандатот на актуелната Комисија, додека Македонија ја нема меѓу нив.
„Додека други земји напредуваат кон Европската Унија, Македонија останува без видлив резултат од владините ветувања за подобра преговарачка позиција“,
рече Филипче.
Тој предупреди дека продолженото чекање отвора и прашања за вклученоста на земјата во идното буџетирање на ЕУ. Во тој контекст, изрази загриженост дека евентуалните промени во претпристапната финансиска поддршка би можеле да создадат дополнителен ризик за државата.
„Во најавата на претседателката (на ЕК) Фон дер Лајен за четири земји веќе е изгледен патот кои се следните чекори и членството, заклучно со крајот на овој мандат на Европската комисија, тоа се од регионот Црна Гора и Албанија, понатаму Молдавија и Украина, нас нè нема. Прашање е дали ќе влеземе во буџетирањето од Европската Унија. Верувам дека на крајот на месецот ќе ја слушнеме претседателката на Европската комисија. Една од работите којашто веројатно таа ќе ги дискутира е дека нема да има веќе ниту ИПА-механизам, значи нема да има пререзервирани средства, што е ризик за нас“,
рече Филипче.
Од своја страна, тој рече дека тие остануваат посветени на европскиот пат, како и дека знаат оти Франција е наш традиционален пријател чија поддршка, како што посочи Филипче, е убеден дека ќе продолжи и во иднина.
Каде заврши едната милијарда евра од унгарскиот кредит
Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции на средбата го отвори и прашањето во врска со унгарскиот заем од една милијарда евра. Во оваа насока, Филиче рече оти уште од самиот почеток постоеле информации дека средствата се со кинеско потекло, како и дека нема информации каде завршиле овие пари и за што точно се потрошени, имајќи предвид дека беа најавувани за локални проекти.
„Ние како опозиција изминатите две години силно реагиравме за еден заем којшто оваа влада го зема уште пред години од Унгарија, за којшто информациите уште тогаш беше дека станува збор за пари коишто се од кинеско потекло, станува збор за една милијарда евра, пари коишто навистина не знаеме каде се сега во буџетот, за што точно се потрошени. Очигледно, иако беа најавувани за некакви локални проекти и во изминатиот период, дури и новата унгарска влада најави истрага за кредитот“,
рече Филипче.
Тој, во овој контекст, посочи дека ваквиот начин на задолжување отвора и пошироки прашања за можно странско влијание во земјата.
„Се поставува прашањето дали се отвора една голема врата за кинеско влијание тука во земјава. Во документите на ЕК за 2026 година јасно стои дека начинот на набавка, големите инфраструктурни заеми, се огромен ризик од корупција и нетранспарентност. И се укажува дека Европската Унија со Северна Македонија, мора да има целосно усогласени постапки за јавни набавки, транспарентност и посебно за билатералните заеми“,
рече Филипче.
Што се однесува до унгарскиот кредит, властите во Будимпешта на почетокот на месецов соопштија дека и официјално е отворена истрагата за околностите под кои унгарската државна Ексимбанка го дала заемот на Македонија.
Дека ќе има истраги за работењето на Ексимбанка, новиот унгарски премиер Петер Маѓар најави кон крајот на јули. Тогаш беше обзнането дека унгарското Министерство за економија до полицијата доставило четири случаи поврзани со банката, меѓу кои и оној за кредитот за Северна Македонија, со каматна стапка од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција.
