Според полициското соопштение на кое се повикува Ројтерс, истражителите во понеделникот (31 август) заплениле илјадници страници внатрешни документи од Министерството за економија кои ќе бидат анализирани во рамките на истрагата
Дека ќе има истраги за работењето на државната „Ексимбанка“, Маѓар најави кон крајот на јули. Тогаш соопшти дека унгарското Министерство за економија до полицијата доставило четири случаи поврзани со банката, меѓу кои и оној за кредитот за Северна Македонија, со каматна стапка од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција, услови што тој ги оцени како проблематични
Унгарските власти отворија кривична истрага за можни злоупотреби во државната „Ексимбанка“ преку која Владата на премиерот Христијан Мицкоски зеде кредит од една милијарда евра додека на чело на извршната власта во Будимпешта беше Виктор Орбан.

Информацијата ја пренесе новинската агенција Ројтерс, која наведува дека станува збор за најнов потег на владата на премиерот Петер Маѓар во насока на испитување на сомнежите за наводна корупција за време на претходната администрација на Унгарија.
Запленети документи
Повикувајќи се на соопштение на унгарската полиција објавено вчера, агенцијата пишува дека се истражуваат четири случаи во Ексимбанка под сомнение за злоупотреба на службената положба и несовесно управување. Меѓу случаите што се предмет на истрага е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Северна Македонија, за кој Министерството за економија на Унгарија во јули поднело пријава по спроведена ревизија на банката.
Според полициското соопштение, истражителите во понеделникот (31 август) заплениле илјадници страници внатрешни документи од Министерството за економија кои ќе бидат анализирани во рамките на истрагата.
„Овие документи се обезбедени во рамките на внатрешната истрага и содржат дополнителни информации важни за истрагата на пријавените дела“,
се вели во соопштението што го пренесува новинската агенција.
Од Ексимбанка, која до 22 јуни 2022 година беше под надлежност на Министерството за надворешни работи на Унгарија, по што премина под надзор на Министерството за економија, засега не одговориле на барањата за коментар за отворената истрага.
Актуелниот унгарски премиерот, кој на изборите во април годинава стави крај на 16-годишното владеење на поранешниот премиер Виктор Орбан, вети дека ќе справи со, како што ја нарече, широко распространетата корупција за време на претходната влада. Орбан, како што потсетува Ројтерс, во повеќе наврати ги негираше обвинувањата на Маѓар.
Инаку, Ексимбанка е основана со закон на унгарскиот парламент во 1994 година со цел да ја поддржи надворешната трговија и извозот на унгарските компании. Банката функционира во интегриран систем заедно со унгарската компанија за осигурување на извозни кредити МЕКСИБ. Нивната заедничка мисија е поддршка на унгарските извозници преку зачувување на работните места, поттикнување на вработувањето и проширување на извозните капацитети на Унгарија. Двете институции работат под заедничкиот бренд ЕКСИМ.
Што кажа Маѓар во јули
Дека ќе има истраги за работењето на државната Ексимбанка, Маѓар најави кон крајот на јули. Тогаш беше обзнането дека унгарското Министерство за економија до полицијата доставило четири случаи поврзани со банката, меѓу кои и оној за кредитот за Северна Македонија, со каматна стапка од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција.
Токму висината на каматната стапка Маѓар ја наведе како еден од најспорните моменти. Тој на прес-конференција на 23 јули пред новинарите во Будимпешта изјави дека станува збор за камата која ни од далеку не е поповолна од каматните стапки по кои унгарските компании и граѓани на земјата добиваат заеми. Дополнително, Маѓар, како што пренесоа тогаш унгарските медиуми, изјави дека Македонија го добила кредитот иако била класифицирана како ризична земја, во финансиска смисла.
„Ова претставува товар од 90 милијарди форинти (околу 248 милиони евра) за унгарскиот буџет, а унгарската држава презеде 100-процентна гаранција за заемот под водство на владата на Орбан“,
изјави Маѓар на прес-конференцијата во јули.

Унгарскиот премиер, исто така, рече дека постои можност владата на неговиот претходник да ги користела јавните пари наменети за поддршка на унгарските бизниси за да ја зајакне позицијата на своите политички сојузници во странство, при што можно е финансиска корист да имале и одредени фирми блиски до поранешната власт.
За што беше наменет заемот
Инаку, заемот за Македонија од кредитната линија на Унгарија беше договорен кон средината на јули 2024 година од страна на премиерот Христијан Мицкоски, кратко по преземањето на власта, и тогашниот негов унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Подоцна истата година Македонија склучи два договора со унгарската Ексимбанк, секој во вредност од 500 милиони евра. Првиот беше потпишан на 8 октомври, со рок на отплата од 15 години, тригодишен грејс-период и фиксна камата од 3,25 проценти. Од првите 500 милиони евра, 250 милиони беа наменети за кредитирање домашни компании преку Развојната банка и комерцијалните банки, додека другиот дел беше поврзан со општински проекти и одржување на буџетската ликвидност.
Премиерот Христијан Мицкоски тогаш оцени дека средствата од заемот ќе придонесат за подобрување на инфраструктурата и за забрзување на реализацијата на развојните проекти на локално ниво.
Другите три случаи
Што се однесува до другите случаи за кои е отворена истрага, еден се однесува за кредит за хотелот „Софител“ на унгарскиот милијардер Иштван Таборч, кој му е зет на Виктор Орбан, додека преостанатите два се за набавка на железнички вагони во Египет и за изградба на мост меѓу Замбија и ДР Конго. На прес-конференцијата во јули Петер Маѓар изјави дека во сите овие зделки многу важна улога играл поранешниот шеф на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
