Портпаролката на СДСМ на денешната прес-конференција изјави дека сопственикот и директор на компанијата „АТС груп“, наводно, бил апсен во Србија во случај на давање мито за доверливи информации за муниција. Тој, како што кажа портпаролката, потоа бил пуштен на слобода откако казната му ја платил извесен Александар Милојевиќ, кој подоцна бил обвинет за помагање при пренос на пари од шверц на кокаин
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со нови обвинувања во врска со фирмата од Скопје која, како што тврдат од партијата, ѝ плаќа на американска лобистичка компанија за промоција на теми кои се претставуваат како стратегиски државни приоритети на Македонија.

Повикувајќи се на документи и истражувања на Балканската истражувачка новинска мрежа (БИРН), портпаролката на социјалдемократите, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција изјави дека сопственикот и директор на компанијата „АТС груп“, наводно, бил апсен во Србија во случај на давање мито за доверливи информации за муниција. Тој, како што кажа портпаролката, потоа бил пуштен на слобода, откако казната му ја платил извесен Александар Милојевиќ, кој подоцна бил обвинет за помагање при пренос на пари од шверц на кокаин.
Кузеска се осврна на потпишување договор меѓу „АТС груп“ и турската државна компанија МКЕ. Настанот, рече таа, се случил на 27 март минатата година, а на него присуствувале и министрите за надворешни работи и за одбрана на Македонија, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски.
„Документот го потпишаа Шефшет Демировски, сопственик и директор на ‘АТС груп’ и Илхами Келеш, генерален директор на МКЕ. Истиот Демировски е уапсен во Србија. Подоцна е ослободен. Трагот на парите открива потемна страна. Реномираниот БИРН утврдува, цитирам: ‘опортунитетот за Демировски во случајот давање мито за доверливи информации за муниција од ‘Први партизан’ го платил Александар Милојевиќ, подоцна обвинет за помагање во пренос на пари од шверц на кокаин. Еден од уапсените како дел од група за шверц на кокаин од Јужна Америка. Меѓу обвинетите: српски и црногорски полицајци и припадник на БИА“,
наведе Кузеска.
Портпаролката на СДСМ повторно се повика на американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA), каде што, како што рече, во регистарот под број 6170 е наведено дека приватната фирма „АТС груп“ од Скопје ја финансира американската куќа „Mercury Public Affairs“. Договорот, според Кузеска, предвидува месечен надомест од 130 000 долари, што годишно е околу 1,56 милиони долари.
Според портпаролката, дека е склучен таков договор потврдиле и од „АТС груп“ во денешното соопштение, во кое од компанијата реагираа на инволивирањето на фирмата и нејзиното име во меѓупартиски и дневнополитички пресметки.
Според документацијата на која се повикува СДСМ, на 2 април годинава „Mercury Public Affairs“ предала материјал со наслов „Стратешко партнерство САД – Северна Македонија“ во кој е наведено дека станува збор за пакет влада со влада, а темите кои се опфатени се однесуваат на енергетиката, течен природен гас, информатички технологии и одбрана.
„Тоа не е лоби за фабрика. Тоа е лоби за агенда што тој (премиерот Христијан Мицкоски) дома ја продава како државна. Кој плаќа? Приватна фирма за муниција и воена опрема. Сопственикот медиумите го врзуваат со круг околу кавачкиот клан. Ова се информациите за човекот чија каса му ја отвора вратата на Мицкоски во Вашингтон. Премиерот треба да ги застапува граѓаните а не да застапува трговец со оружје“,
рече Кузеска.
Таа ги повтори тврдењата дека ангажманот на компанијата е поврзан со антимонот и проектот „Крстов дол“.
„Затоа ходниците. Затоа фоајеата. Затоа средби што ги нема во агенда на Стејт департментот за посетата 15-22 септември. Неформален контакт дома го продаваат како самит. Антимон од пет милиони, руда за воена индустрија – влегува во истата реченица. Гета чинеше 5,53 милиони евра народни. Дупката е поевтина. Земјата е поскапа“,
наведе портпаролката на СДСМ.
Од опозициската партија бараат Обвинителството да го истражи регистарот 6170, конкретно материјалот од 2 април и уплатата од 250 000 евра, а премиерот Мицкоски да каже чиј интерес го следи – на народот „или на човекот кому казната му ја платил канал за кокаин“.
„За некого провизија. За граѓаните отров. Тоа не е дипломатија. Тоа е распродажба на Македонија!“,
рече Кузеска.
Портпаролката на СДСМ возврати и на вчерашните контраобвинувања од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде рекоа дека не актуелната, туку поранешната влада била поврзана со фирмата „АТС груп“ и дека нејзиниот сопственик добил дипломатски пасош од експремиерот и поранешен претседател на СДСМ, Зоран Заев.
„Кога ВМРО прашува за дипломатски пасош, нека го праша својот министер Тимчо Муцунски. Нека го праша својот министер за одбрана дали некој му кажал за апсењето, криминалот, луѓето во синџирот на трговија со кокаин и апсењето на првиот човек на ‘АТС’, додека тие стојат зад неговиот грб на потпишувањето меѓудржавни договори. Мицкоски сигурно знае. Само сè уште не се знае кој пуштил пет тони дрога преку граница. И тоа, како и многу други работи, сè уште не сме ги слушнале“,
рече Кузеска.
Од компанијата „АТС груп“ денеска ги отфрли наводите на Социјалдемократскиот сојуз, оценувајќи ги како политичките конструкции обвинувања во кои нивното име се користи како аргумент во меѓупартиски и дневнополитички пресметки.
Оттаму во писмената реакција велат дека ангажирањето меѓународни професионални компании за правни, комуникациски, стратегиски и други консултантски услуги е легитимна и вообичаена деловна практика за компании со меѓународни амбиции и присуство. Велат дека нивните деловни активности се исклучиво приватни и за компанијата и не се преземаат за потреби на Владата или во име на државата.
