Украинскиот претседател го нарече претседателот на Руската Федерација „нулти пациент“, велејќи дека колку повеќе слобода има да дејствува, толку поопасен станува светот за сите други. Затоа, додаде, мора да му се одземе просторот да дејствува и да го шири злото
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред Генералното собрание на ОН, со повик до меѓународната заедница за зголемен притисок врз Русија преку санкции, ограничување на нејзините приходи и зајакнување на одбраната на Украина, предупредувајќи дека војната може да се прошири и во други земји.

„Оваа бесмислена војна мора да престане. Не познавам ниту еден светски лидер кој мисли поинаку. Не познавам некого кој отворено ја поддржува оваа војна, освен едно лице“,
рече Зеленски во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации.
Зеленски во своето обрќање рече дека последиците од војната се шират надвор од Украина, оценувајќи дека Русија претставува закана за балтичките држави, Молдавија и другите региони. Поради ова, повика на продолжување на санкциите против Русија и ограничување на средствата на Москва за финансирање на војната.
Зеленски го нарече Путин „нулти пациент“, велејќи дека колку повеќе слобода има да дејствува, толку поопасен станува светот за сите други. Затоа, додаде, мора да му се одземе просторот да дејствува и да го шири злото.
„Можете ли воопшто да го замислите без војна? Тој е нултиот пациент, оној од кого оваа идеја за војна продолжува да се шири. И каде и да се шири, таа носи само болка, нестабилност, нови ризици и, секако, нови кризи“,
порача украинскиот претседател во обраќањето.
Претходно, на самитот на украинската „Кримска платформа“, што се одржа на маргините на Генералното собрание на ОН, Зеленски рече дека Украина е подготвена за прекин на огнот во Црното Море, врз основа на предлозите од Египет, Индија и Турција и дека сега е на ред Русија да одговори.
„Чекаме одговор од Русија. Украина е подготвена да обезбеди безбедна пловидба и безбедност на храната во Црното Море, доколку Русија е исто така подготвена да преземе вистински чекори за смирување на тензиите. Мора да почнеме од некаде“,
порача претседателот на Украина.
