Данската премиерка Мете Фредериксен го нарече договорот „спогодба што може да трае вечно“ и го оцени како корисен за САД, Гренланд, Данска и за пошироката алијанса на НАТО
Јенс-Фредерик Нилсен, премиерот на Гренланд, го нарече „договор од кој сите добиваат“
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша договор со Данска и Гренланд, чија цел е зајакнување на безбедноста во Арктикот и Северниот Атлантик, пренесува Асошиејтед прес. Со тоа, се отвора патот за зголемено американско воено присуство и отворање нови бази на Гренланд, а воедно придонесува да се намалуваат тензиите предизвикани од повеќекратните изјави на Трамп дека островот треба да стане дел од Соединетите Американски Држави (САД).

Потпишувањето се одржа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а следува неколку дена откако Трамп го најави договорот за зајакнување на американското воено присуство на Гренланд, но притоа задржувајќи ја данската контрола врз островот.
Договорот би останал во сила и доколку Гренланд во иднина одлучи да стане независен.
„Ова е огромна работа за Европа, за Соединетите Држави и за сите. А за Гренланд, ќе биде неверојатно“,
изјави Трамп непосредно пред потпишувањето на договорот.
Трамп ја изрази својата желба да го преземе Гренланд уште во 2019 година, а за време на својот втор мандат се закануваше дека ќе ја преземе оваа полуавтономна територија од Данска, која е сојузник во НАТО.
Сепак, тој не одговори на прашањата дали идејата за американско преземање на Гренланд е дефинитивно отфрлена. САД со децении имаат присуство на Гренланд.
Претставници на САД, Гренланд и Данска со месеци преговараа зад затворени врати барајќи решенија за безбедносните грижи на Трамп во врска со островот богат со минерали.
Договорот, објавен од сите три влади по потпишувањето, му овозможува на Вашингтон да ги „модернизира и прошири“ своите активности. Во него, исто така, се наведува дека САД можат да воспостават „одбранбени зони“ во Нарсарсуак на југ и Местерсвиг на исток, како и дека можат да воспостават дополнителни одбранбени зони на Гренланд и да ги зајакнат своите воени операции или капацитети.
Договорот предвидува широка воена мобилност на САД на територијата на Гренланд, вклучително и пристап од морето.
Се наведува дека потписничките имаат заеднички интерес да ѝ овозможат на американската војска пристап до Гренланд заради одбрана на зоната на НАТО. На ниту една земја што не е членка на НАТО нема да ѝ биде дозволено да воспостави „сопствени воени инсталации со или без човечки екипаж на Гренланд“ или да има „трајно“ воено присуство, освен ако потписничките не се договорат поинаку.
Договорот „нема краен рок“, а доколку Гренланд одлучи да стане независен, ќе се обврзе да остане во НАТО и да ги преземе правата и обврските што го има Данска согласно договорот. Сите страни го оценија договорот како позитивен чекор.
Данската премиерка Мете Фредериксен го нарече договорот „спогодба што може да трае вечно“ и го оцени како корисен за САД, Гренланд, Данска и за пошироката алијанса на НАТО.
Јенс-Фредерик Нилсен, премиерот на Гренланд, го нарече „договор од кој сите добиваат“.
„Вашата безбедност е наша безбедност, а нашата безбедност е ваша безбедност“,
рече тој.
Намерите на Трамп во однос на Гренланд ги затегнаа односите во рамките на НАТО, при што данската премиерка предупреди дека американското преземање би значело крај на Алијансата. Оваа ситуација предизвика загриженост кај голем дел од околу 56 000 жители на Гренланд и создаде раздор меѓу САД и Данска, како и нејзините партнери од Европската Унија, кои ги засилија безбедносните вежби и финансиската поддршка за островот.
Трговијата и надежите за пристап до ресурсите одиграа улога во загриженоста за иднината на Гренланд. Околу две третини од неговата територија се наоѓаат во рамките на Арктичкиот Круг, каде што топењето на морскиот мраз отвори дополнителни поморски патишта.
Данскиот парламент минатата година усвои закон со кој се дозволува присуство на американски воени бази на данска територија, со што се проширува договорот од 2023 година склучен со администрацијата на Бајден, кој им овозможуваше на американските трупи широк пристап до воздухопловните бази во Данска.
Трамп претходно инсистираше на тоа дека САД треба да го преземат Гренланд за да спречат Русија или Кина да го сторат тоа. Иако Трамп рече дека би претпочитал да склучи договор за таа територија, тој изјави и дека на еден или друг начин, ќе го добие Гренланд.
Соединетите Држави со децении имаат значајно воено присуство на Гренланд. Од 1945 година бројот на американски војници и воени инсталации на островот значително е намален – од илјадници војници распоредени во 17 бази и објекти, на околу 200 војници во оддалечената вселенска база „Питуфик“ на северозападот на Гренланд.
Базата поддржува операции за рано предупредување од ракетни напади, ракетна одбрана и вселенски надзор за потребите на САД и НАТО.
Обраќајќи се пред Генералното собрание на Обединетите нации пред потпишувањето на договорот, Трамп изјави дека САД веднаш ќе го започнат процесот на воспоставување значително воено присуство на соодветни локации, вклучително и преку изградба на две големи воени бази.
