И по 2 часот утрово на улиците во Белград траат судирите помеѓу полицијата и демонстрантите.
Има повредени и демонстранти и полицајци, контејнери сè уште горат на улиците, а полицијата со солзавци се обидува да ги растера и потисне демонстрантите.
Протестите започнаа вечерва откако претседателот Александар Вучиќ најави враќање на полицискиот час. Голем број демонстрантите се собраа пред зградата на српскиот Парламент. Група десетина демонстранти усеаја да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во холот од собраниската зграда, но набргу полицијата ги исфрли.
По ова имаше уште неколку обиди за влез, а полицијата успеа со солзавци да ги потисне демонстрантите од пред Парламентот, но судирите продолжија на локации во негова близина.
Дел од граѓаните кои протестираа ги фрлаа солзавците назад кон полицијата, а потоа почнаа и да ги поклопуваат со канти за ѓубре за да го спечат чадот.
Српските медиуми досега јавија дека има приведени, но и повредени демонстранти, како и полицајци. Исто така, пренесоа дека биле запалени и три полициски возила. Безбедносните служби на терен интервенираат со оклопни возила, полициски кучиња и коњи.
Досега не се огласи претседателот Вучиќ, но останатите претставници на власта кои излегоа со изјави видоа политичка заднина во овие протести. Меѓу нив и премиерката Ана Брнабиќ, која рече дека ќе направат се за да го заштитат правниот поредок.
Таа остро го осуди, како што рече, „вандализмот на политичарите кои се одговорни за упадот во српскиот Парламент во време кога државниот и здравствен систем се соочуваат со вирусот ковид-19“.
„Бидејќи не можеа да влезат во Собранието на изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилно лице, обидувајќи се да добијат политички поени во најголемата криза на планетата од Втората светска војна“,
наведува Брнабиќ во писмената изјава.
*Поврзани вести:
Вучиќ најави враќање на полицискиот час во Србија
(ФОТО+ВИДЕО) Протест во Белград против враќањето на полицискиот час
(ВИДЕО) Тензично во Србија: Полицијата фрла солзавци за да спречи упад во Собранието