Реакцијата на лидерот на СДСМ следува откако министерката за енергетика Сања Божиновска претходно денеска побара извинување од опозицискиот СДСМ поради обвинувањата дека во периодот од 2011 до 2014 година била извршна директорка на компанијата „Руднап груп“ за Централна и Источна Европа
Која Сања Божиновска бара извинување – Бугарката или Македонката? Вака пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, одговори на изјавата на министерката за енергетика Сања Божиновска, која претходно денеска побара извинување од опозициската партија поради обвинувањата дека во периодот од 2011 до 2014 година била извршна директорка на компанијата „Руднап груп“ за Централна и Источна Европа.

Она што го изнесува СДСМ, рече Филипче на денешната прес-конференција, се факти.
„Факт е дека таа работела во фирмата во која сега ги добила броилата и соработувала со тие луѓе во Србија. Од 2012 до 2014 година била управител на ‘Руднап Бугарија’. Понатаму, во загрепската фирма ‘Руднап’ – 6 декември 2013 година во таа документација стои промена на регистрацијата и таму е идентификувана со бугарскиот пасош. Која Сања Божиновска бара извинувавање? Бугарката или Македонката? Да не бара Македонката за Бугарката?“,
рече Филипче на прес-конференцијата.
Опозицискиот лидер во оваа смисла прашува за чии интереси работи Божиновска – жената која има бугарски пасош и која кажала дека се произнесува како Бугарка – за интересите на Бугарија или на Македонија.
„Таа ли е една од причините зошто го одбија законот за да нема двојни државјанства на највисоки државни функции, па да не знаеме за чии интереси работат овие луѓе? Луѓе со двојни државјанства“,
додаде Филипче.
Порача дека СДСМ нема да се извини за изнесените факти и за податоците кои се достапни во централните регистри на сите засегнати земји во случајот и додаде дека ќе дојде време кога ќе биде испорачана одговорност.
Министерката Сања Божиновска тврди дека повеќе од 12 години нема никаква деловна, ниту приватна релација со „Руднап“, ниту, пак, поврзаност со набавката и постапката што ЕВН како приватна компанија ја спроведува самостојно и за сопствени потреби. Таа побара СДСМ во рок од 24 часа јавно да ги повлече, како што рече, невистинитите тврдења и да ѝ се извини за нивното изнесување.
