Божиновска тврди дека повеќе од 12 години нема никаква деловна, ниту приватна релација со „Руднап“, ниту, пак, поврзаност со набавката и постапката што ЕВН како приватна компанија ја спроведува самостојно и за сопствени потреби
Од СДСМ преку соопштение одговорија дека немаат намера да се извинат и наведоа тврдења кои, како што велат, се биографијата на Божиновска, односно регистар за тоа каде сè изминатите години се појавува нејзиното име во својство на раководно лице во „Руднап“ во Македонија, Србија, Бугарија и во регионот
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ги отрфрла како лажни и тенденциозни обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека била извршна директорка на компанијата „Руднап груп“ (Rudnap Group) за Централна и Источна Европа. Таа бара партијата во рок од 24 часа да ѝ се извини и да ги повлече, како што ги нарекува, политичките конструкции, најавувајќи дека во спротивно ќе поднесе тужби и пријави до надлежните институции.

За потсетување, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, изминатиот период тврди дека компанијата „Метер енд контрол“ (Meter&Control) од Србија е избрана за носител на договорот на ЕВН Македонија за набавка на броила за електрична енергија, вреден 13,2 милиони евра и дека оваа фирма е поврзана со „Руднап груп“, која се појавува во нејзината сопственичка историја.
Според тврдењата на социјалдемократите, станува збор за, како што наведуваат, нова милионска алка во „енергетската бизнис-мрежа“ на премиерот Христијан Мицкоски, а клучната врска што ги спојува „Руднап“ и Владата е министерката за енергетика Сања Божиновска и почесниот македонски конзул во Србија, Душан Адамовиќ.
„Во периодот од 2011 до 2014 година, Божиновска била извршен директор во компании на ‘Руднап груп’ во Централна и Источна Европа. Таа се поврзува и со ‘Руднап ДООЕЛ’ Скопје, каде што била управител. ‘Руднап’ е партнер и со ‘Ал Дахра’, компанија која се поврзува со проектот ‘Белград на вода’, модел кој сега се најавува и во Македонија“,
изјави викендов на прес-конференција Маја Борозан од СДСМ.
Министерката за енергетика денеска преку објава на нејзиниот официјален фејсбук-профил вели дека категорично ги отфрла и демантира, како што пишува, лагите и тенденциозните конструкции на опозциската партија, која, додава, без ниту еден доказ се обидува да ги наруши нејзините чест, углед и професионален интегритет.
Божиновска тврди дека повеќе од 12 години нема никаква деловна, ниту приватна релација со „Руднап“, ниту, пак, поврзаност со набавката и постапката што ЕВН како приватна компанија ја спроведува самостојно и за сопствени потреби.
„СДСМ свесно пласира невистини и измислени конструкции за наводна моја вмешаност во деловни зделки, без да понуди ниту еден факт што би ги поткрепил таквите тврдења. Ова не е аргумент, туку обид за политичка дискредитација. Нема да дозволам преку партиски прес-конференции да се фрлаат невистини во јавноста и потоа да се очекува тие да останат без одговор. Политичката борба не е и не може да биде алиби за клеветење, манипулирање со јавноста и нарушување на личниот и професионалниот углед“,
вели Божиновска.
Затоа, како што наведува, бара СДСМ во рок од 24 часа јавно да ги повлече, според неа, невистинитите тврдења и да ѝ се извини за нивното изнесување.
Во спротивно, вели Божиновска, ќе следуваат конкретни правни чекори.
„Ќе ги искористам сите расположливи правни механизми за заштита на мојата чест, углед и професионален интегритет, вклучително и судска постапка и соодветни пријави до надлежните институции. Јавноста заслужува факти и докази, а не политички конструкции. Јас сум подготвена за секој факт да одговорам и да го докажам. Истото го очекувам и од оние што денес изнесуваат вакви сериозни обвинувања“,
пишува Божиновска.
Од опозицискиот СДСМ веднаш одговорија на реакцијата на министерката за енергетика, велејќи дека тврдењата што ги изнеле не се лаги, туку факти, и оти нема намера да ги повлече.
Во соопштението, од партијата го наведуваат, како што велат, биографијата и регистарот каде сè изминатите години се појавува името на ресорната министерка во својство на раководно лице во „Руднап“ во Македонија, Србија, Бугарија и во регионот.
„Од 2011 до 2014 била извршен директор на ‘Руднап груп’ за Централна и Источна Европа. Одговорна за активности во Северна Македонија, Србија, Бугарија и регионот. Од 23 март 2012 до 11 март 2014 – управител на ‘Руднап Бугарија ЕООД’. Во 2012 таа фирма направила промет од над 130 милиони бугарски лева. Името ѝ стои и во документацијата на загрепската фирма на ‘Руднап’, промена регистрирана на 6 декември 2013, идентификувана со бугарски пасош“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Пред тоа, во периодот од 2006 до 2011 година, според опозиционерите, Божиновска работела за фирмата ЕЗПАДА, за меѓународна трговија со струја. Оваа компанија, тврдат оттаму, се вкрстува со мрежата на „Руднап“ на Војин Лазаревиќ.
„Во 2011 нејзиното име влегува во собраниска расправа за увоз на струја. РСЕ ги пренесува стенограмите: блискост на тогашните ‘Руднап’ и ЕЗПАДА со тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Истиот човек. Истата гранка. Тогаш имаше шеф. Денеска е министерка“,
се наведува во соопштението од СДСМ.

Оттаму потсетуваат дека на 11 август годинава ЕВН склучила договор со „Метер енд контрол“ (Meter&Control) од Србија за набавка на електрични броила, која СДСМ ја поврзува со групацијата „Руднап“ на Лазаревиќ.
„Мостот меѓу Лазаревиќ и Мицкоски е Душан Адамовиќ. Човек со криминално минато. Навивач од хулиганските кругови околу (Александар Вучиќ. Висок кадар на СНС. Бизнис-партнер на арамијата. Почесен конзул на Македонија во Србија – човек што нашата земја ја нарекува окупирана српска територија, окупирана од Македонци. Тој е врската. Преку него оди увозот на струја. Преку него се врзуваат Лазаревиќ, Мицкоски и министерството. Божиновска е ставена да го води ресорот енергетика како човек од доверба на Лазаревиќ. Затоа има ново министерство. Затоа има увоз. Затоа има броила. Затоа има барање за извинување наместо хартија“,
велат од „Бихаќка“.
