Тестирањето доаѓа неколку дена откако Пјонгјанг ги обвини Соединетите Американски Држави за поттикнување на тензиите на Корејскиот Полуостров со серија воени вежби со војската на Јужна Кореја
Северна Кореја тестирала нов систем на борбено оружје под надзор на лидерот Ким Џонг-ун, кој оценил дека тестот покажал напредок во модернизацијата на вооружените сили на земјата, објави денеска државната новинска агенција КЦНА, пренесоа светските медиуми.

Ким рекол дека тестот, спроведен од Дирекцијата за ракетни системи на Северна Кореја, бил демонстрација на „ултрамодерна“ одбранбена технологија и покажал јасен напредок во модернизацијата на вооружените сили. Сепак, за каков вид оружје станува збор не е објавено во извештајот на новинската агенција.
Тестирањето доаѓа неколку дена откако Пјонгјанг ги обвини Соединетите Американски Држави за поттикнување на тензиите на Корејскиот Полуостров со серија воени вежби со војската на Јужна Кореја.
Северна Кореја во неделата истрела две балистички ракети од својот источен брег, што беше второ тестирање на ваков тип оружје за околу една недела.
Советот за национална безбедност на Јужна Кореја го осуди ваквиот потег и го повика Пјонгјанг веднаш да ги запре своите ракетни активности.
Сеул предупреди дека балистичките тестови на Северна Кореја ги кршат резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Во меѓувреме, севернокорејска делегација, предводена од министерот за култура Хјон Ун Чол, отпатува во Санкт Петербург на 12. Меѓународен културен форум, објави KЦНА.
Посетата дооаѓа откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, во порака до рускиот претседател Владимир Путин минатата недела, вети дека ќе ја „прошири и продлабочи“ соработката со Русија.
