Според него, значајно е што Владата има директен и отворен дијалог со американската администрација. На средбата со Ландау, како што рече, разговарале за унапредување на соработката во повеќе области, за економскиот развој и инвестициите, безбедноста и стабилноста на регионот, како и за улогата на земјава како сојузник во НАТО и партнер кој придонесува за регионалната стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Њујорк оствари официјална средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Кристофер Ландау.
Информацијата за средбата премиерот ја сподели на својот фејсбук-профил додавајќи дека на неа присуствувале и Брендан Харнахан, помошник-државен секретар за Европа и Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, во чиј непосреден ресор спаѓаат и балканските држави.

Покрај официјалните средби со високата делегација на Стејт департментот, премиерот за време на посетата на САД, во Њујорк оствари разговор и со државниот секретар Марко Рубио. Од фотографиите што ги објави на Фејсбук може да се види дека заедно со него е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
За средбата со Ландау, Мицкоски вели дека е можност за отворен и суштински разговор за стратешко партнерство со САД, за продлабочување на политичкиот и економскиот дијалог, како и за прашањата од заеднички интерес за двете држави.
„Во време на сериозни геополитички предизвици и промени во меѓународните односи, за нас е од исклучително значење да има силни, стабилни и принципиелни односи со своите стратешки партнери. САД се наш долгогодишен стратешки партнер и сојузник, а директната комуникација на високо политичко ниво е важен дел од натамошното зајакнување на тие односи“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Со Ландау, како што вели, разговарале за унапредување на соработката во повеќе области, за економскиот развој и инвестициите, безбедноста и стабилноста на регионот, како и за улогата на земјава како сојузник во НАТО и партнер кој придонесува за регионалната стабилност.
Според Мицкоски, Македонија денес настапува со јасно дефинирани државни интереси и со определба тие интереси достоинствено и аргументирано да ги застапува пред своите партнери.
„Градиме односи засновани на меѓусебна почит, доверба и конкретна соработка која треба да носи резултати за граѓаните и државата. Нашата политика е политика на достоинство, принципи и заштита на државните интереси. Пријателствата не се градат со зборови, туку со доверба. Партнерствата не се мерат со протокол, туку со дела. А почитта кон една држава се гради со јасни позиции, достоинство и кредибилитет. Токму таква држава градиме, исправена со јасен став и сигурна иднина“,
вели тој.

Посочи дека особено е значајно што Владата има директен и отворен дијалог со американската администрација.
„Ваквите средби се можност нашите позиции да бидат претставени и македонските интереси да бидат слушнати таму каде што се разговара за важни регионални и глобални прашања“,
напиша премиерот.
За време на досегашниот престој во САД, според објавите на социјалните мрежи, премиерот Мицкоски и владината делегација имале средба и со главната директорка за политики и вршителка на должност главна директорка за развој на Американската корпорација за меѓународен финансиски развој – ДФЦ (DFC), Каролин Вик. Инаку, ДФЦ е веќе присутна во земјава преку инвестицијата во проектот „Крстовдол“, во јавноста познат како „Антимон“.
