Оттаму велат дека навреме предложиле мерки за намалување на цените на горивата и заштита на граѓаните, меѓу кои укинување на акцизата, намалување на ДДВ на пет отсто и минимална плата од 600 евра, но дека премиерот Христијан Мицкоски не ги прифатил
Согласно одлуката на РКЕ, највисоката цена во малопродажба на бензинот еуросупер БС-95 ќе изнесува 99 денари за еден литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 101 денар, а еуродизел БС (Д-Е V) за 104,5 денари за литар
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) реагираат на денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со која има драстично зголемување на цената на дизелот на 104,5 денари за литар, што како што велат од партијата, претставува нов удар врз семејните буџети, земјоделците, превозниците и економијата.

Оттаму велат дека навреме предложиле мерки за намалување на цените на горивата и заштита на граѓаните, меѓу кои укинување на акцизата, намалување на ДДВ на пет отсто и минимална плата од 600 евра, но дека премиерот Христијан Мицкоски не ги прифатил.
„Арамијата Мицкоски ги одби. Последиците од неговите арамиски политики ги плаќаат граѓаните. Секое полнење резервоар е нов трошок за граѓаните“,
се вели во партиското соопштение.
Според партијата, повисоката цена на дизелот ќе значи повисоки транспортни трошоци, поскапо земјоделско производство и дополнителен притисок врз цените на храната и основните производи.
Владата, како што додаваат, обезбедува средства за други намени, додека нема доволно пари за заштита на животниот стандард на граѓаните.
„Има 5,5 милиони евра за Диџеј за една вечер, а нема пари за мерки за заштита на граѓаните. Има 200 милиони евра за криминални тендери, а нема пари за земјоделците. Има пари за 50-члена делегација на Мицкоски и авион, а нема за минимална плата. Тоа е арамиска власт“,
велат од партијата.
Според СДСМ, додека граѓаните преживуваат со плати што не стигнуваат ни за основните потреби, а потрошувачката кошничка достогна 90 000 денари, Владата профитира од секое ново поскапување.
„Ова е свесна одлука на организираната криминална група, да се богати, а товарот од кризата да им го префрли на граѓаните“,
посочија оттаму.
Согласно одлуката на РКЕ, највисоката цена во малопродажба на бензинот еуросупер БС-95 ќе изнесува 99 денари за еден литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 101 денар, а еуродизел БС (Д-Е V) за 104,5 денари за литар.
Екстралесното масло за горење (ЕЛ1) поевтинува за 7 денари за литар и ќе се продава за 102,5 денари, додека малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,835 денари по килограм и ќе изнесува 50,078 денари.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска, одговарајќи на новинарски прашања рече дека доколку ситуацијата со цените на горивата дополнително ескалира, Владата ќе ги преземе сите потребни чекори за да го ублажи ценовниот шок врз граѓаните.
Божиновска нагласи дека Владата внимателно ги следи случувањата, напоменувајќи дека покачувањето на цените е резултат на глобални фактори и воени конфликти врз кои државата нема влијание. Таа кажа дека во моментов е активна мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто, мерка што Владата ја донесе на 13 септември, и треба да важи до 28 септември.
