Божиновска рече и дека во овој момент не се водат нови преговори за дополнителен попуст со „Окта“, но таа можност останува отворена доколку кризата се продлабочи

Доколку ситуацијата со цените на горивата дополнително ескалира, Владата ќе ги преземе сите потребни чекори за да го ублажи ценовниот шок врз граѓаните, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Одговарајќи на новинарски прашања, Божиновска нагласи дека Владата внимателно ги следи случувањата, напоменувајќи дека покачувањето на цените е резултат на глобални фактори и воени конфликти врз кои државата нема влијание.
Божиновска кажа дека во моментов е активна мерката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти.
„Како што знаете, може да има и други намалувања. Тоа постои како мерка, Министерството за финансии ги прави фискалните мерки и ги донесува заедно на Влада“,
рече таа.
Рече дека Владата на претстојната седница во вторник ќе ја разгледа состојбата и ќе дискутира за следните чекори.
Божиновска рече и дека во овој момент не се водат нови преговори за дополнителен попуст со „Окта“, но таа можност останува отворена доколку кризата се продлабочи.
„Не сме почнале, меѓутоа ако ситуацијата ескалира и понатаму, ќе ги преземеме сите мерки за да го ублажиме ризикот кон граѓаните“,
додаде Божиновска.
Министерката потсети дека од почетокот на кризата во март беа преземени повеќе чекори, меѓу кои интервенции кај акцизата, намалување на ДДВ и договор за попуст, со цел примарно да се заштити стандардот на граѓаните.
Владата на 13 септември на седница донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизел-горивото од 18 на 10 проценти. Како што информираат од владината прес-служба, оваа интервенција се презема со цел да се амортизира ценовниот удар врз граѓаните и бизнис-секторот во период на кризна состојба, која произлегува од можноста за нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, а врз основа на владините пресметки, намалувањето на даночната стапка значително ќе го ублажи најавениот раст на малопродажните цени.
Одлуката ќе има рок на важност до 28 септември.
