„Реформите мора да се случат. Ја преземам оваа одговорност, бидејќи сакам да ја придвижам нашата земја напред“, рече тој.
На функцијата канцелар е 16 месеци, а неговата влада се соочува со слаб рејтинг и политички притисок. Неговите поддржувачи сметаат дека дел од проблемите со кои се соочува Германија се наследени од претходните влади, додека критичарите го посочуваат неговиот курс кон десно, особено по прашањето на имиграцијата
Германскиот канцелар Фридрих Мерц соопшти дека останува на функцијата и покрај тешките резултати за неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на покраинските избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија, пренесува Би-би-си.

Во Мекленбург-Западна Померанија, според излезните анкети, крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) освои околу 38 отсто од гласовите, додека Социјалдемократската партија (СПД) беше на околу 36 отсто. ЦДУ се движи на околу пет отсто, со што се најде на прагот на влез во покраинскиот парламент.
Во Берлин, според проекциите на германскиот јавен сервис ЗДФ, Левица води со речиси 26 отсто, пред ЦДУ со околу 20 отсто.
Резултатот во Мекленбург-Западна Померанија Мерц го нарече „катастрофа“ за неговата партија, но порача дека нема намера да се повлече и дека ќе продолжи со плановите на коалициската влада за економски, даночни и социјални реформи.
„Реформите мора да се случат. Ја преземам оваа одговорност, бидејќи сакам да ја придвижам нашата земја напред“,
изјави Мерц.
Посочи дека реформите ги гледа како одговор на, како што рече, „авторитарниот отров“ кој навлегува во германското општество.
Изборите во двете покраини се одржаа две недели по тешкиот резултат за ЦДУ во Саксонија-Анхалт, каде што АфД освои речиси 44 отсто, а ЦДУ околу 17 отсто од гласовите.
По тој резултат се засилија шпекулациите за политичката иднина на Мерц. Сепак, лидерите на осум германски покраини пред изборите јавно му дадоа поддршка и ја отфрлија можноста за промена на партиското раководство.
Мерц е канцелар 16 месеци, а неговата влада се соочува со слаб рејтинг и политички притисок. Неговите поддржувачи сметаат дека дел од проблемите со кои се соочува Германија се наследени од претходните влади, додека критичарите го посочуваат неговиот курс кон десно, особено по прашањето на имиграцијата.
Во Мекленбург-Западна Померанија, и покрај првото место на АфД според излезните анкети, нејзино учество во владејачка коалиција е неизвесно, бидејќи другите партии досега одбиваат соработка со неа.
Конечните резултати од изборите се очекува да бидат објавени во текот на ноќта.
