Според излезната анкета на германскиот јавен радиодифузен сервис, АфД освои околу 38 отсто од гласовите во североисточната покраина. Резултатот доаѓа само две недели откако партијата го постигна својот најдобар резултат досега во Саксонија-Анхалт
На изборите во Берлин, според излезните анкети, води партија Левица со 26 отсто од гласовите, пред ЦДУ и Зелените
Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) извојува победа на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, покажуваат излезните анкети, со што дополнително се зголемува притисокот врз канцеларот Фридрих Мерц.
Покраинските избори што денеска се одржаа во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија, според германските медиуми, се уште еден важен тест за канцеларот Фридрих Мерц.

Според излезната анкета на германскиот јавен радиодифузен сервис, АфД освои околу 38 отсто од гласовите во североисточната покраина. Резултатот доаѓа само две недели откако партијата го постигна својот најдобар резултат досега во Саксонија-Анхалт.
ЦДУ на Мерц, според анкетата, е на околу пет отсто, што го доведува во прашање нејзиното задржување на застапеноста во покраинскиот парламент.
На изборите во Берлин, според излезните анкети, води партија Левица со 26 отсто од гласовите, пред ЦДУ и Зелените.
Во Мекленбург-Западна Померанија, АфД освои 38 отсто, пред Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со 36,5 отсто. ЦДУ освои околу пет отсто, додека Левица е на шест отсто.
„Билд“ објави дека Мерц го поканил партиското раководство и сите осум покраински премиери од редовите на ЦДУ на состанок во седиштето на партијата.
Канцеларот истовремено го откажа планираното патување во Њујорк за Генералното собрание на ОН, со образложение од владата дека неговото присуство во Берлин е неопходно.
Пред две недели, партијата на Мерц претрпе тежок пораз на изборите во Саксонија-Анхалт, каде што АфД освои речиси 44 отсто од гласовите, додека ЦДУ доби околу 17 отсто.
По тој резултат се интензивираа дискусиите за политичката иднина на Мерц. Сепак, сите осум покраински премиери од ЦДУ пред неколку дена јавно го поддржаа канцеларот и ги отфрлија разговорите за промена на раководството на партијата или владата.
Мерц по првите изборни резултати: Резултатот во Мекленбург-Западна Померанија е катастрофа
Мерц во своето обраќање резултатот на ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија го оцени како исклучително тежок.
„Не можеме да го разубавиме резултатот во Мекленбург-Западна Померанија, тоа е катастрофа“,
кажа тој.
Посочи дека резултатите во двете покраини се многу различни, оценувајќи дека ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија била притисната меѓу СПД и АфД.
За Берлин, Мерц рече дека резултатот е солиден и му се заблагодари на кандидатот на ЦДУ, Стефан Еверс за, како што рече, ангажманот во тешки услови.
Германскиот канцелар во говорот се осврна и на пошироката политичка и економска состојба во земјата.
Според Мерц, Германија има држава која станала премногу комплицирана, економија која минува низ длабока трансформација и општество во кое тонот на комуникација станува сè поостар и понепомирлив.
Предупреди и на падот на довербата во институциите.
„Довербата во институциите на нашата земја паѓа, а радикалните партии од левицата и десницата активно ја поткопуваат“,
кажа тој.
Според него, Германија и Европа треба повторно да разговараат за слободата, безбедноста, мирот, но и за сопствените силни и слаби страни.
„Одговорот не може да биде враќање во добрите стари времиња. Но, одговорот не може да биде ниту постојано прикажување на сè добро како лошо. Одговорот мора да биде подготовка на нашата земја за иднината“,
вели Мерц.
Мерц потенцираше дека потребните промени ќе значат нови оптоварувања и несигурност за дел од граѓаните, но оти реформите не смеат да се одложуваат.
„Реформите мора да дојдат. Секако, ова нè става сите во тешка ситуација. Но, ние ја преземаме оваа одговорност. Јас ја преземам оваа одговорност затоа што сакам да ја движам нашата земја напред“,
рече германскиот канцелар.
