Поради изборите Мерц го откажа планираното патување во Њујорк за Генералното собрание на ОН, со образложение од владата дека неговото присуство во Берлин е неопходно
Најголем притисок врз неговата ЦДУ се очекува во Мекленбург-Западна Померанија, каде што покраинската влада ја предводи премиерката Мануела Швезиг од Социјалдемократската партија на Германија (СПД)
Речиси четири милиони германски гласачи денеска излегуваат на покраински избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија, кои би можеле дополнително да го зголемат притисокот врз канцеларот Фридрих Мерц и неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ), по слабиот резултат на партијата на изборите во Саксонија-Анхалт пред две недели.

Околу 2,5 милиони луѓе имаат право на глас во Берлин, а околу 1,3 милиони во Мекленбург-Западна Померанија. Гласачките места се отворени од 8 до 18 часот, по што се очекуваат првите проценки на резултатите.
Мерц за вечерва свика состанок на претседателството на ЦДУ, по објавувањето на првите изборни резултати.
Канцеларот истовремено го откажа планираното патување во Њујорк за Генералното собрание на ОН, со образложение од владата дека неговото присуство во Берлин е неопходно.
ЦДУ на само шест отсто во Мекленбург-Западна Померанија
Најголем притисок врз ЦДУ се очекува во Мекленбург-Западна Померанија, каде што покраинската влада ја предводи премиерката Мануела Швезиг од Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Според истражувањето на ферманската јавна телевизија ЗДФ, СПД има поддршка од 37 отсто, Алтернатива за Германија (АфД) 36 отсто, додека ЦДУ е на само шест отсто.
Претходната анкетата на германскиот институт за истражување на јавното мислење на „Инфратест Димап“, на Афд и даваше 38 отсто, 33 на СПД и седум отсто на ЦДУ.
Иако анкетите се разликуваат околу тоа која партија е прва, сепак и двете покажуваат дека ЦДУ е далеку зад двете водечки партии и се наоѓа во близина на изборниот праг од пет отсто.
Доколку падне под тој праг, ЦДУ за првпат би останала без пратеници во покраинскиот парламент.
На изборите во 2021 година, АфД освои 16,7 отсто од гласовите, додека СПД имаше 39,6 отсто.
Левица и ЦДУ во тесна трка во Берлин
Во Берлин, според последниот „Политбарометар“ на ЗДФ, партијата Левица има 22 отсто поддршка, ЦДУ 20, АфД 18, Зелените 15, а СПД 12 отсто.
Изборите се значајни за ЦДУ и поради позицијата на нејзиниот покраински лидер Каи Вегнер, кој е градоначалник на Берлин од 2023 година. Партијата би можела да ја загуби позицијата на најсилна политичка сила во главниот град.
Истовремено, анкетите покажуваат раст на АфД. Сепак, водечките партии продолжуваат да ја исклучуваат можноста за коалициска соработка со неа, па изборниот резултат на АфД сам по себе не значи и можност за учество во покраинската влада.
Резултатите во Саксонија-Анхалт го зголемија притисокот врз Мерц
Изборите во двете покраини следуваат само две недели по гласањето во Саксонија-Анхалт, каде што АфД освои речиси 44 отсто од гласовите, додека ЦДУ доби околу 17 отсто.
Мерц е канцелар 16 месеци, а неговата коалициска влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД вети економски реформи, зголемување на инвестициите во одбраната и построга политика кон нерегуларната миграција.
Сепак, поддршката за канцеларот останува ниска.
Според анкетата на „ДојчландТренд“ на гермнаскиот јавен сервис АРД, само 13 отсто од испитаниците се задоволни од неговата работа. Во истото истражување, АфД има 27 отсто поддршка на федерално ниво, наспроти 21 отсто за ЦДУ/ЦСУ.
Намалување на данокот на горивата пред изборите
Изборите се одржуваат во услови на високи цени на горивата. Просечната цена на дизелот во Германија во четвртокот достигна рекордни 2,471 евра за литар.
Германската влада во петокот договори пакет мерки за помош на потрошувачите. Од 1 октомври до крајот на годината данокот на бензинот и дизелот ќе биде намален за 14 центи по литар, односно околу 17 центи со вклучен ДДВ. Вредноста на мерката е проценета на околу 2,5 милијарди евра.
Владата најави и разговори со нафтените компании за можно привремено ограничување на цените на горивата од 1 јануари 2027 година.
Кандидатот на АфД во Мекленбург-Западна Померанија, Лајф-Ерик Холм, ја оцени мерката како обид за влијание врз гласачите непосредно пред изборите.
Крајнодесничарската АфД извојува убедлива победа на покраинските избори во источната германска покраина Саксонија-Анхалт, освојувајќи повеќе од двојно поголема поддршка од својот главен ривал, конзервативната ЦДУ.
