Сепак, американскиот претседател остави можност за договор доколку, како што рече, намерите на ЕУ се „добри“, но предупреди дека во спротивно САД би можеле да воведат „исклучително високи царини“ за Европа
Американскиот претседател Доналд Трамп го оцени како „непријателски чин“ предлогот Канада да стане придружна членка на Европската Унија, посочувајќи дека доколку тоа се случи Сoединетите Американски Држави (САД) би можеле да воведат многу високи царини или целосно да ја прекинат трговијата со Европа, пренесува Си-ен-ен.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вчера за време на својот годишен говор за состојбата на Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, ја повика Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија.
Нејзиниот повик, Трамп го оцени како „смешен“.
„Ако го сметам за непријателски чин, ќе воведам многу високи царини или целосно ќе ја прекинам трговијата со Европа во многу сектори“,
рече Трамп, одговарајќи на новинарско прашање на темата.
Trump threatens to cut off trade with Europe if Canada becomes an associate member of the EU. https://t.co/cw5L68Vxrm
— Acyn (@Acyn) September 16, 2026
Сепак, американскиот претседател остави можност за договор доколку, како што рече, намерите на ЕУ се „добри“, но предупреди дека во спротивно САД би можеле да воведат „исклучително високи царини“ за Европа.
За време на обраќањето на Фон дер Лајен присуствуваше и канадскиот премиер Марк Карни.
„Би сакала да соработувам со вас за да ја отвориме вратата за Канада како прва придружна членка на ЕУ“,
рече таа.
Најави и поширока „Алијанса за иднината“, која би се темелела на постојниот трговски договор меѓу ЕУ и Канада.
Сепак, како што пишуваат американските медиуми, не е јасно што точно би подразбирал статусот на придружна членка, бидејќи таква форма на членство моментално не постои во правото на ЕУ.
Од канадска страна, идниот амбасадор на Канада во ЕУ, Џонатан Вилкинсон, порача дека Отава засега се фокусира на конкретни резултати.
„Сè уште не сме во таа фаза. Фокусирани сме на постигнување конкретни резултати“,
изјави тој во Стразбур.
Предупредувањето на Трамп доаѓа во услови на трговски тензии меѓу САД и Канада, додека Отава настојува да ја намали економската зависност од Вашингтон.
Карни претходно повика на „единствен сојуз“ со ЕУ, но не ја поддржа директно идејата за придружно членство. Тој треба да се обрати пред Европскиот парламент во четврток.
