Актуелниот советник и ветеринар влегува во изборната трка со ветување за конкретни решенија и позитивни промени за локалното население, велат од партијата
Јовица Радески е официјалниот кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за градоначалничката функција во Општина Брвеница на претстојните избори, информираа од партијата. Оттаму велат оти покрај кандидатурата за прв човек на општината, тој воедно е предводник и носител на советничката листа на партијата.

Професионалната кариера на Радески е врзана за приватниот сектор, каде што долги години работи како ветеринар. Од неговата матична партија истакнуваат дека тој е човек кој целиот свој досегашен работен стаж несебично им го посветил на луѓето од својот роден крај. Во партиската објава, Радески е опишан како чесен и вреден кадар кој секојдневно е присутен меѓу граѓаните и е добро познат во секое село и во секој дом низ Брвеница.
Вчера, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ информираа оти на редовна седница на Извршниот комитет на партијата едногласно е избран Стојанчо Радичевски за кадидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Брвеница. Тој е актуелен претседател на Општинскиот комитет на партијата во Брвеница. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и е магистер по граѓанско право.
Претходно, свој кандидат промовираше и партијата Влен. Оттаму е предложен Јакуп Хусеини, магистер по правни науки и државен службеник во Општина Брвеница.
На овие избори, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе настапи со кандидатот Аркин Јахији.
Предвремените избори за градоначалник на Брвеница се распишани за 18 октомври годинава откако неодамна почина Јовица Илиевски, кој на последните локални избори го доби вториот мандат да ја води општината.
