Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две недели има по два нови случаи
Досега никаде во светот нема специфичен лек за западнонилска треска. Лекувањето е супортивно и е насочен кон ублажување на симптомите и навремено реагирање при евентуални компликации, вели во телевизиско гостување Фадил Цана, директорот на Инфективната клиника во Скопје, каде се лекуваат заразените од овој вирус.

Посочи дека вирусот може да остави долготрајни невролошки последици, а закрепнувањето може да трае со месеци, па и со години.
„По завршување на акутната фаза, акцент се става на рехабилитацијата. Доколку кај пациентот продолжат тегобите тоа не значи дека се уште има активна инфекција, туку дека може да има последици кои бараат прегкеди кај невролог, но и физикална рехабилитација“,
кажа директорот.
Појасни дека не треба да се стигматизираат прележаните, бидејќи вирусот не се пренесува од човек на човек.
Пациентите, додаде, дека не се заразни за околината, дури ни во акутна фаза на болеста.
Иако, како што вели станува збор за мал вирус, последиците од инфекцијата можат да бидат сериозни.
Затоа, според него, превенцијата и почитувањето на препораките и мерките на институциите се најважните начини за заштита.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две недели има по два нови случаи.
На Клиниката за инфективни болести моментно се хоспитализирани шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.
Според него, смирувањето на ситуацијата не е поврзано со заладувањето на времето бидејќи новите случаи се заразени пред три до 14 дена.
Во последниот извештај од ИЈЗ се вели дека во земјава се регистрирани вкупно 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 потврдени и четири веројатни, а досега како последица на вирусот починале осум лица.
