За другите двајца осомничени раководители во гостиварски „Комуналец“ засега нема промена на мерката притвор
Постапката против неа продолжува во рамките на истрагата поврзана со загадувањето на водата за пиење во Гостивар
Ексдиректорката на гостиварски „Комуналец“, Артана Асани, од затворски оди во куќен притвор. Гостиварскиот суд донесе одлука за промена на мерката по барање на нејзините бранители, а по добиено позитивно мислење од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар.

Постапката против неа продолжува во рамките на истрагата поврзана со загадувањето на водата за пиење во Гостивар.
Како што од гостиварскиот суд изјавија за дел од медиумите, Асани мерката ќе ја издржува во домашни услови, со ограничувањата определени од судот.
За другите двајца осомничени раководители во гостиварски „Комуналец“ засега нема промена на мерката притвор.
Асани беше уапсена на 20 јули заедно со раководителот на Одделението за водовод и техничкиот директор на ЈП „Комуналец“-Гостивар.
Следниот ден Основниот суд Гостивар им одреди по 30 дена затворски притвор, мерката што подоцна беше продолжена.
Против нив, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар отвори истражна постапка. Ги сомничи за тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење. Според Обвинителството, тие со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.
Казните за ова кривично дело се минимум четири години затвор.
