Оттаму порачуваат дека на, како што велат, елитата со часовници од 60 000 евра, скапи костуми и апетити за авиони, местото ѝ е да одговара пред народот и пред правдата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски во врска со неговата реторика, обвинувајќи го дека создава поделби во општеството со тоа што сите кои не согласуваат со власта ги нарекува „талог“.

Оттаму наведуваат дека секој што е за Европа, демократија, слобода на говор и подобар животен стандард за премиерот Мицкоски е „талог“. Од СДСМ, во тој контекст, обвинуваат дека во 21. век власта се користи со, како што велат, фашистички методи од времето на Ванчо Михајлов и копирање на политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Целта им е да го убедат народот дека тие се елита. Исто како елитата на СНС. Надменоста и ароганцијата се одлики на оваа ‘елита’. Нема одговори на прашања – има само навреди. Се однесуваат како државата да е нивна приватна сопственост. Оваа криминална ВМРО-елита, по углед на елитата од криминалната организација на Вучиќ, Балканскиот картел, чии членови се луѓето од групата на Мицкоски, ги прави истите работи. Елита што ќе ужива во луксуз, полнејќи ги своите џебови со народни пари“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Во своите критики до власта од опозициската партија велат дека станува збор за, како што ги нарекуваат, тендер-патриоти со бугарски државјанства и фирми чија промоција ја работи и бугарска фирма.
Од друга страна, тврдат од СДСМ, Мицкоски и Владата воопшто не зборуваат за поголема минимална плата, за мерки за ублажување на инфлацијата, за законот за двојно државјанство на функционерите, како и за реформите неопходни за евроинтегративниот пат на државата.
„Ја изолираа земјата од Европа за да ограбуваат непречено. Знаат дека Европа носи независно судство и европско обвинителство. Го слават Ратко Младиќ, осуден воен злосторник за геноцид, во земја што има меѓуетничка кохезија. Уште само на Мицкоски да му стигне новиот авион – за целосно да биде ‘вистинска елита’. Ова е отворено презирање на сопствениот народ. Кампања на поделби и омраза според најмрачните модели. Граѓаните не се талог. Граѓаните се сопственици на оваа држава“,
наведуваат од „Бихаќка“.
Оттаму порачуваат дека на, како што велат, елитата со часовници од 60 000 евра, скапи костуми и апетити за авиони, местото ѝ е да одговара пред народот и пред правдата.
„На таа елита местото ѝ е во Шутка и во Идризово. Ќе победи народот. Граѓаните на Македонија ќе ја вратат власта во свои раце, а потоа оваа елита ќе одговара. Еден побегна. Овие нема да побегнат“,
порачувааат од СДСМ.

Реакциите на СДСМ следуваат по обраќањето на премиерот Мицкоски на централната свеченост по повод Денот на независноста, во кое тој се осврна и на политичките поделби во земјата, оценувајќи дека 35 години независност се доволна временска дистанца за да се препознаат слабостите и да се извлечат поуки. Премиерот, во тој контекст, рече дека живееме во општество со длабоки контрасти, но оцени дека тие повеќе се присутни меѓу политичките елити отколку кај граѓаните. Тој ги обвини политичките противници дека создаваат безнадежност, поделби и сомнеж во, како што рече, секој проект што води напред.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, вчера на прес-конференција посочи дека бидејќи нема никаков резултат, на премиерот му останала само талог-кампањата за поделби и навреди на граѓаните.
Прашан во врска со реакциите на СДСМ за користењето на терминот „талог“, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека жали што опозициската партија се препознава во овој збор. Тој посочи оти прецизно рекол дека талогот не смее да ја победи елитата, затоа што, ако тоа се случи, тогаш талогот ќе стане елита, а вистинската елита ќе си замине.
„И затоа мораме да го победиме талогот. Ќе повторам, жалам што тие се препознаваат како такви. Претпоставувам, и од нивните карактери, иако на отворена сцена навредуваат, измислуваат, клеветат, којзнае како сè нè нарекуваат за да нè омаловажат. Ниеднаш немам кажано, ниту сум се пожалил за тоа што го слушам од нивните прес-конференции. Без исклучок, сè е лага. Ниеднаш не сум излегол на отворена сцена да плачам, да цимолам и да се жалам пред граѓаните. Напротив, тоа е тоа. Ние сме јавни личности и како такви треба дури и со тој тип кампања, лажна и клеветничка, да се справите, да ги засукате ракавите и да го испорачате она што им е потребно на граѓаните. Ова им е потребно на граѓаните. Тие нека тонат во нивното политичко мочуриште, а ние ќе продолжиме да испорачуваме“,
рече Мицкоски.
