Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека изминатиот период Македонија имаше „историско лето“ со настапи на светски познати музички имиња во повеќе градови. Тој посочи дека целата организација била финансирана од општествено одговорни компании, но не посочи за кои точно станува збор

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли сите критики и шпекулации околу трошоците за манифестациите со кои се одбележаа 35 години од независноста, изјавувајќи дека организацијата на сите музички настани низ земјата ги чини граѓаните и државниот буџет точно нула денари.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека изминатиот период Македонија имаше „историско лето“ со настапи на светски познати музички имиња во повеќе градови. Тој посочи дека целата организација била финансирана од општествено одговорни компании, но не посочи за кои точно станува збор.
Мицкоски порача дека сите заинтересирани можат да ја проверат платформата „Отворени финансии“, каде што ќе се уверат дека за овие настани не се потрошени народни пари.
Летото започна со Стив Аоки во Битола на 2 август, продолжи со караванот „Силно светнал ден“ низ 13 градови, настапите на Пол Окенфолд, Пол ван Дајк и рок-спектакли во Струмица, како и концертот на Хозе Карерас со македонските ѕвезди во Скопје. Настаните кулминираа со концертот на Дејвид Гета на Градскиот стадион пред околу 50 000 посетители.
Премиерот рече дека ова се лоши вести за оние за кои вели дека шпекулирале, клеветеле и лиферувале лажни информации.
„Жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат како тие би правеле, дека и некој друг така прави. Но, ова е влада домаќинска, ова е влада промакедонска, која се грижи за граѓаните и секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин“,
додаде Мицкоски.
Според него, со сите овие настани државата покажала дека знае и може да направи нешто светско, а да се случува тука во Македонија.
Одговорот на Мицкоски следува откако изминативе денови во јавноста е актуелно прашањето колку пари се платени за синоќешниот настап на Дејвид Гета на стадионот „Тодор Проески“. Во понеделникот, сопственикот на „Авалон продукција“, организаторот на музичките настани кои траеја неколку недели, беше прашан зошто досега не е објавена сумата на договорот и дали во него има клаузула што го спречува тоа. Сопственикот на „Авалон“ на почетокот на одговорот возврати со две контрапрашања – „Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?“.
Откако новинарката рече дека тоа е прашањето, Милошески продолжи наведувајќи дека прес-конференцијата е во функција на безбедноста и организацијата на концертот на Дејвид Гета, додека за она за што се интересира претставничката на еден од медиумите што го следеа пресот, треба да одговорат од Владата.
Инаку, на 27 мај годинава, одговарајќи на новинарско прашање за тоа колкава е финансиската конструкција за целата прослава и како е избран „Авалон“ за пратнер, владината портпаролка Марија Митева рече дека како влада немаат што да кријат во однос на организацијата и дека сè ќе објават откако ќе завршат со најавите на сите настани што ќе се одвива етапно.
„Нашата транспаретност, како што било досега ќе биде и отсега, и верувајте дека како влада доследно ќе информираме за сите детали. Како што најави и организаторо на првата прес-конференција, постојат некои договорни клаузули за кои не сме во можност сега да зборуваме, но дајте ни време да ги објавиме сите настани и веднаш ќе ја информираме јавноста за сите детали“,
рече тогаш Митева.
