Бајрами, кој речиси две години беше во бегство, од МВР велат дека утринава во 5:35 часот сам се пријавил за влез во земјава на граничниот премин „Долно Блаце“

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, денеска е лишен од слобода и е спроведен во казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Бајрами, кој речиси две години беше во бегство, од МВР велат дека утринава во 5:35 часот сам се пријавил за влез во земјава на граничниот премин „Долно Блаце“.
„Денеска (09.09.2026) во 05:35 часот на ГП ’Долно Блаце’ за влез во РСМ се пријави Перпарим Бајрами (33), баран со меѓународна потерница по наредба од ОЈО Скопје бр.XVII KO бр.4232/24 од 17.12.2024 година. Лицето е лишено од слобода и спроведено во Казненозпоправната установа Затвор ʼСкопјеʼ“,
се вели во соопштението од МВР.
По Бајрами, кој е првоосомничен за проневера и злоупотреба на службената положба во случајот „Државна лотарија“, во декември 2024 година беше распишана меѓународна потерница. Тој заедно со поранешниот прв вицепремиер и висок ексфункционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, се меѓу главните осомничени за злоупотреби во Државна лотарија, тешки 8,2 милиони евра.
Претходно во февруари годинава и Груби, кој повеќе од една година беше во бегство, сам се пријави на косовско-македонската граница при влез во земјава, по што веднаш беше приведен.
Покрај Груби и Бајрами во случајот „Државна лотарија“ се обвинети и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу, како членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија во времето кога според скопското Основно јавно обвинителство се случиле залоупотребите за кои ги товари.
Бајрами и Груби и останатите шестмина обвинети, според обвинителниот предлог што го читаа јавните обвинители на последното рочиште, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со противзаконска набавка на видеолотариски темринали за приредување електронски игри на среќа.
