Од Комисијата ќе се побара да испита дали постојат индиции за недозволено договарање меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или примена на нефер трговски практики на штета на производителите

Анализите на состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа, вранецот и другите земјоделски производи покажаа потреба од поширок институционален одговор и поради тоа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во текот на оваа недела ќе поднесе иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, најави денеска министерот Борче Серафимовски.
Покрај редовните контроли што ги спроведува Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството ќе ги активира и другите законски механизми со цел да се заштитат земјоделците.
„Врз основа на утврдените факти, во текот на оваа работна недела ќе доставиме образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, која како независен орган ќе оцени дали постои основа за постапување согласно Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи“,
истакна Серафимовски.
Министерот нагласи дека состојбите во откупот нема да се набљудуваат изолирано преку поединечни контроли на откупните пунктови, туку ќе се анализира целокупното функционирање на пазарот. Од Комисијата ќе се побара да испита дали постојат индиции за недозволено договарање меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или примена на нефер трговски практики на штета на производителите.
„Нема однапред да прогласуваме одговорност, но ќе ги мобилизираме сите расположливи институционални капацитети за фактите да бидат независно и стручно проверени“,
додаде тој.
Серафимовски, исто така, порача дека пазарните услови не смеат да се користат како оправдување за непочитување на договорите, за нетранспарентна класификација или за префрлање на целокупниот ризик врз земјоделците.
