Според проекциите, АфД би можела да освои 39 од вкупно 83 места во покраинскиот парламент, што е помалку од 42 пратеници потребни за апсолутно мнозинство. Зигмунд досега ја отфрлаше можноста да предводи малцинска влада, но не ја исклучи соработката со поединечни пратеници или други политички субјекти
Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) извојува убедлива победа на покраинските избори во источната германска покраина Саксонија-Анхалт, освојувајќи повеќе од двојно поголема поддршка од својот главен ривал, конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), објави Би-би-си.

Според привремените резултати на покраинската изборна комисија, АфД освоила 43,8 отсто од гласовите, додека ЦДУ добила 17,2 отсто. Иако партијата не успеала да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот, нејзиното раководство оцени дека добило јасен мандат за формирање влада.
Лидерот на АфД во Саксонија-Анхалт, Улрих Зигмунд, резултатот го оцени како сензационален и порача дека партијата сака што поскоро да започне со управување.
„Ова не е само за Саксонија-Анхалт, ова е сигнал за цела Германија“,
изјави Зигмунд пред своите поддржувачи, оценувајќи дека партијата „направила историја“ во покраината.
АфД пред историска можност да ја преземе покраинската власт
Доколку АфД успее да дојде на власт во Саксонија-Анхалт, тоа би било првпат по Втората светска војна крајнодесничарска партија да има контрола врз германска покраина. Покраинската власт има значајни надлежности, меѓу другото во областа на полицијата, образованието и културата.
Според проекциите, АфД би можела да освои 39 од вкупно 83 места во покраинскиот парламент, што е помалку од 42 пратеници потребни за апсолутно мнозинство. Зигмунд досега ја отфрлаше можноста да предводи малцинска влада, но не ја исклучи соработката со поединечни пратеници или други политички субјекти.
Вниманието сега е насочено кон левичарско-популистичката Алијанса на Сара Вагенкнехт (БСЊ), која според проекциите би можела да освои пет пратенички места. Партијата има слични ставови со АфД за одредени прашања, особено во однос на миграцијата и увозот на руски гас и не ја исклучи можноста за соработка по поединечни теми.
Претставникот на ЦДУ во покраината, Свен Шулце, ја призна победата на АфД, оценувајќи дека резултатот претставува тежок удар за неговата партија, чии гласови се намалени за повеќе од половина во споредба со претходните избори.
Централно-левичарската Социјалдемократска партија на Германија (СПД) исходот го оцени како јасен сигнал до Берлин.
Другите германски партии засега одбиваат коалициска соработка со АфД, придржувајќи се до таканаречениот „заштитен ѕид“ против крајната десница.
Излезеноста во Саксонија-Анхалт изнесувала 77,8 отсто. АфД, која веќе бележи силна поддршка во источните германски покраини, води и во дел од националните анкети, пред владејачките конзервативци на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите.
Партијата и претходно оствари значаен успех во Источна Германија, победувајќи на покраинските избори во соседната Тирингија во 2024 година.
Реакции надвор од Германија
Победата на АфД предизвика реакции и надвор од Германија. Американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Трут соушл објави снимка од германска телевизиска проекција на изборните резултати, додека рускиот претседателски претставник Кирил Дмитриев ја поздрави, како што ја нарече, „историската победа“ на АфД.
