Од ДЗС вечерва информираа дека пожарот што попладнево изби кај спортскиот аеродорм Стенковец сè уште е активен, а скопските пожарникари и натаму го гаснат. ДЗС информираше и дека во меѓувреме избувнале уште два пожари на отворен простор кај селото Кондово и на територија на Општина Ѓорче Петров

Попладнево изби пожар кај спортскиот аеродром Стенковец во близина на Скопје, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според него, веројатно се работи за запалена дива депонија од која се крева густ и црн чад кој ветерот го носи кон Скопје.
Ова е дополнителна причина за загадениот воздух што деновиве го дишат скопјани што е последица главно од големиот пожар на отворено на падините на Скопска Црна Гора.
„На местото брзо пристигнаа скопските пожарникари. Работиме на гаснење на овој пожар, но тој веќе се прошири на поголема површина, станува збор за сува трева, тешко ќе биде брзо да се изгасне овој пожар, затоа претпоставувам дека чадот ќе биде активен уште некое време. Кога ќе ја надминат надворешната линија на овој пожар, за да не се шири, ќе се фокусираат на купот ѓубре што се гледа зад мене. Во меѓувреме ќе го гаснат, а за тоа време ќе има уште повеќе црн чад од самата пареа што ќе се создава. Веројатно тоа ќе трае во наредниот период, па граѓаните на Скопје за жал ќе почувствуваат уште повеќе чад во градот, уште посилен мирис на чад во наредниот период“,
рече Ангелов.
Од ДЗС вечерва информираа дека пожарот сè уште е активен, а скопските пожарникари и натаму го гаснат. ДЗС информираше и дека во меѓувреме избувнале уште два пожари на отворен простор кај селото Кондово и на територија на Општина Ѓорче Петров.
„Даваме сѐ од себе, правиме сѐ што е во наша моќ, и покрај тоа што во исто време имаме повеќе пожари, силите се распоредени насекаде, но за тоа ни треба помош од граѓаните, бидејќи ова е навистина нехумано што се случува, палењето на десетици пожари само денеска во Скопје, од кои верувам дека голем дел се намерно подметнати, бидејќи не може туку така случајно да настанат пожари на вакви места. Затоа ни треба помош од граѓаните за да ги фатиме сторителите“,
порача Ангелов.
