Два хрватски канадери, заедно со противпожарните екипи, денеска успеаја да го спречат понатамошното ширење на пожарот кон населените места на подрачјето на Општина Прозор-Рама во Босна и Херцеговина, додека ситуацијата е значително потешка на подрачјето на Томиславград, каде што пожарот зафати околу 14 000 хектари

Целиот регион Далмација во Хрватска се гуши во облак од чад, а се шири и мирис на изгорено што доаѓа од пожар на отворен простор во Босна и Херцеговина. Огнот уште во петокот избувнал во Звирњача, село на подрачјето на Општина Купрес, а потоа се разгоре и се прошири кон Томиславград и Општина Прозор-Рама.
Два хрватски канадери, заедно со противпожарните екипи, денеска успеаја да го спречат понатамошното ширење на пожарот кон населените места на подрачјето на Прозор-Рама во Босна и Херцеговина, додека ситуацијата е значително потешка на подрачјето на Томиславград, каде што пожарот зафати околу 14 000 хектари.
Канадерите во текот на попладнето дејствуваа на повеќе краци од пожарот. Сè уште гори кај Прозор-Рама, но огнот повеќе не им се заканува на населените места.

На подрачјето на Томиславград ситуацијата и понатаму е многу сериозна. Надлежните информираа дека пожарот загрозил површина од околу 14 000 хектари. На терен се противпожарните екипи, цивилната заштита, доброволци и механизација, а се пробиваат и противпожарни коридори.

Претседателот на Владата на Кантонот 10, Иван Вукадин, изјави дека се прави обид пожарот да се сопре на две линии, додека градоначалникот на Томиславград, Иван Бунтиќ, потврди дека е побарана помош и од вооружените сили на БиХ.

Претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина ѝ се заблагодари на хрватската влада и на премиерот Андреј Пленковиќ, истакнувајќи дека оваа помош е потврда за силните врски меѓу двете држави и за меѓусебната солидарност.
